Отстранувањето е направено на безбеден начин со цел да се избегнат инциденти и други ризици за локалното население, наведе Алијансата
И последните неколку возила што ги блокираа патиштата на северот на Косово денеска се отстранети од страна на мировната мисија предводена од КФОР, објави НАТО.
„Демонтирањето на последните барикади беше извршено со распоредување инженерски единици и беше спроведено брзо и на безбеден начин со цел да се избегнат инциденти и други ризици за локалната безбедност. Оваа акција беше спроведена во согласност со мандатот на КФОР, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, со цел да се обезбеди безбедна средина и слобода на движење за доброто на сите заедници кои живеат на Косово“,
се наведува во соопштението на НАТО на официјалната веб-страница.
Отстранувањето на барикадите, како што се наведува, следува по „интензивните напори“ на НАТО и на Европската унија за намалување на тензиите на северот на Косово, со клучна поддршка на мисиите на КФОР и ЕУЛЕКС.
Барикадите од Србите на Косово беа поставени на почетокот на декември 2022 како знак на револт за апсењето на Србин припадник на косовската полиција. Нивно отстранување, пак, започна на 29 декември односно по средба што ја имаше српскиот претседател Александар Вучиќ со претставници на српскиот народ што живее на северот на Косово.
Фото: EPA/VALDRIN XHEMAJ