Агенцијата за филм од средствата од годишниот буџет исплати вкупно 27 филмски проекти кои се во поодмината фаза на реализација, односно оние кои се завршени или се пред завршување.
Агенцијата за филм во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов и министерот за култура Хусни Исмаили, во рамките на своите законски овластувања постапи по препораките на Владата, но и на сите релевантни европски институции.
„Заради светската пандемија предизвикана од коронавирусот откажани се сите филмски снимања, а воедно се откажани и сите копродукции кои беа планирани, како и Канскиот фестивал. Стопирањето на сите активности во филмската сфера ја доведуваат под голем знак на прашалник финансиската состојба на независните филмски работници, како категорија на граѓани кои немаат постојано вработување и се директно зависни од од активностите на независните продуценти чии проекти се финансирани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија“,
информираат од Агенцијата за филм.
Директорот на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи.
Во таа насока, како што посочуваат, за понатамошна помош формирана е комисија од ДФРМ и Агенцијата за филм која ќе работи на изнаоѓање на правна рамка и разгледување на барањата и можноста за директен надоместок на филмските работници.
„Ова е само прва итна мерка, а во зависност од времетраењето на оваа голема криза Агенцијата за филм во соработка со ДФРМ, со сите свои сили ќе работи на изнаоѓање и на други мерки со кои ќе им се овозможи директна материјална помош на филмските работници“,
велат од Агенцијата за филм.