Германската амбасадорка во заминување посочила дека Германија и понатаму силно и одлучно ќе ја поддржува европската иднина на Северна Македонија
Истекува мандатот на германската амбасадорка Анке Холштајн поради што таа почна со одржување проштални средби во земјава. Од Министерството за надворешни работи (МНР) соопштија дека денеска таа се сретнала со министерот Бујар Османи, кој ѝ се заблагодарил за нејзиниот досегашен ангажман и придонес за развој на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Германија.
„На средбата министерот Османи ја истакна и важноста на Берлинскиот процес во поддршката на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан со цел поскоро приклучување кон европското семејство, истакнувајќи го притоа значењето на потпишаните договори за време на Самитот на лидери на земјите од Западен Балкан, за кои на Северна Македонија и е доверена депозитарната функција“,
соопштија од МНР.
Холштајн, пак, посочила дека Германија и понатаму силно и одлучно ќе ја поддржува европската иднина на Северна Македонија.
Дел од темите на кои се разговарало на прошталната средба е и актуелното претседателство на земјава со ОБСЕ кое започна на 1 јануари.
„Безбедносните прашања, руската инвазија врз Украина и последиците со кои европските земји се соочуваат, исто така беа предмет на дискусија меѓу двајцата соговорници, кои ја истакнаа важноста на НАТО за зачувување на евро-атлантската безбедност“,
додаваат од МНР.