Како што може да се види од материјалите за седницата објавени на интернет-страницата на Собранието, во предлог-законот се содржани факсимили од целосниот текст на Договорот со Фронтекс на сите јазици 25 јазици на кои е потпишан: македонски, бугарски, хрватски…
Пратениците во законодавниот дом првата пленарна седница во новата година ќе ја одржат на 10 јануари, а една од точките на дневен ред е и предлог-законот за ратификација на Договорот со Фронтекс, кој С Македонија и Европската Унија го потпишаа на 26 октомври минатата година.

Предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, како што гласи целосното име на материјалот, е втора од вкупно 15 точки што се на дневен ред на оваа 99. седница на Собранието.
Како што може да се види од материјалите за седницата, објавени на интернет-страницата на Собранието, во предлог-законот се содржани факсимили од целосниот текст на Договорот со Фронтекс на сите 25 јазици на кои е потпишан: македонски, бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, летонски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски јазик.
Предлагач на законот е Владата, а нејзини претставници кои ќе го застапуваат и елаборираат пред пратениците се министрите за надворешни и внатрешни работи, Бујар Османи и Оливер Спасовски, како и и нивните заменици, Фатмире Исаки (заменик-министер за надворешни работи) и Назим Буши (заменик-министер за внатрешни работи).
Со ратификацијата Договорот со Фронтекс ќе стане дел од внатрешниот правен поредок на државата.
Владата на 20 декември минатата година го утврди текстот на предлог-законот за ратификација на Договорот со Фронтекс.
Овој Договор, според образложението од МНР, отвора можност за воспоставување заеднички операции на европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија.
Со влегувањето во сила на овој договор, како што соопштија тогаш од Владата, се овозможува на барање на нашата држава да се распоредат полициски службеници на Фронтекс на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на С Македонија. Тоа, како што се наведува, ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс.
„Најважен придонес со потпишувањето на овој договор, според посоченото од МНР, е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа“,
беше наведено во соопштението од Владата.
Овие наводи на Владата се содржани и во образложението на предлог законот, кој на 10 јануари треба да се најде пред пратениците на пленарна седница.
Во него беше потенцирано дека Договорот треба да се ратификува во Собранието за да биде дел од правниот поредок на државата. По спроведувањето на постапката за ратификација, за тоа ќе биде известена правната служба при Европската комисија.
Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс беше потпишан на 26 октомври оваа година. На потпишувањето на Договорот присуствуваше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која со делегација на ЕК беше во официјална посета на земјава.
Договорот од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва, како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон кој беше дел од делегацијата на Фон дер Лајен. Од македонска страна, пак, потпис стави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.