Научници, лекари, бизнисмени, културни работници и други, се меѓу носителите на „МКарта“. Досега вакво признание од МНР им е доделено на 69 наши државјани кои живеат во дијаспората

Истакнатите државјани на Северна Македонија кои живеат во странство, а се носители на „МКарта“ од денеска имаат можност при влегување во државата да користат забрзан премин (fast-track) на аеродромите во Скопје и Охрид.
„МКарта“ е проект кој шефот на дипломатијата го промовираше во мај 2022 година, а во рамки на кој на поединци кои живеат во странство, а со својата работа и професионалност постигнале истакнат успех и ја промовирале земјава, им се доделува вакво признание. Меѓу носителите на „МКарта“ има научници, лекари, бизнисмени, културни работници итн.

Отсега, на контролните шалтери на граничните премини на скопскиот и охридскиот аеродром, тие ќе може да поминат на „брза лента“ каде поминуваат и оние со дипломатски и службени пасоши.
„Проектот ’МКарта‘ претставува мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Северна Македонија. Забрзаниот премин на нашите аеродроми, кое се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава“,
вели Османи.
За „детектирање“ на истакнатите поединци во странство, задолжени се дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија, а изборот на оние кои ќе добијат „МКарта“ во рамки на МНР се реализира во строго предвидена процедура. Досега, таа е доделена на 69 наши државјани во дијаспората.