Со овој колективен договор, кој ќе се применува во 2024 и 2025 година, се предвидува значително покачување на платите на наставниот и ненеаставниот кадар, што е во согласност со заложбите и барањата на Синдикатот на УКИМ
Сојузот на синдикати на УКИМ и Собранието потпишаа Колективен договор на ниво на работодавач.
Потпишувањето на Колективниот договор е резултат на двегодишните залагања на Синдикатот на УКИМ за значително подобрување на материјалната положба на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со овој Колективен договор, кој ќе се применува во 2024 и 2025 година, се предвидува значително покачување на платите на наставниот и ненеаставниот кадар, што е во согласност со заложбите и барањата на Синдикатот на УКИМ.
„Благодарност до претседателот на Собранието што ги прифати нашите оправдани и аргументирани барања и што го потпиша овој колективен договор со кој по првпат после долги децении значително ќе се подобри материјалната положба на вработените на УКИМ. Особено ми е драго што државата конечно ќе даде поддршка за развој на високото образование без кое не е можен развој и напредок на државата. Потпишувањето на овој колективен договор ќе има историско значење за автономијата на Универзитетот и развојот на науката и образованието во интерес на студентите и државата“,
рече Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ.
На почетокот на овој месец Синдикатот на УКИМ и претседателот на Собранието Талат Џафери на заедничка средба разговараа за изнаоѓање решение за нов Колективен договор и покачување на платите на наставниот и ненаставниот кадар на најстариот и најголемиот универзитет во земјава.
Она што го бараа синдикалците е покачување од по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување на платите.
Новиот Колективен договор засега околу 2 400 вработени на УКИМ од кои околу 1 000 се ненаставен кадар.
За стандардот на вработените на УКИМ, Синдикатот во неколку наврати алармираше изминатиот период, а на 2 јуни годинава организираше и предупредувачки протест пред Ректоратот.
За тоа во каква состојба се вработените во УКИМ, Ристов зборуваше и во гостувањето во емисијата „360 степени“ на крајот од септември годинава, кога оцени дека никогаш во историјата на Универзитетот тие не биле во потешка и полоша ситуација.
Како што кажа тогаш претседателот на Синдикатот, доцентите на факултетите земаат плата од 30 590 денари што е под просекот во државата, додека редовен професор заработува 39 500 денари месечно.