Министерот на брифинг со новинарите изнесе забелешки и во однос на законските решенија што се однесуваат на Судскиот совет и порача дека не може некој што бил стручен соработник во суд потоа да оценува работа на врховен судија. Исто така, не може, според него, претседател на Судскиот совет да биде некој од членовите на ова тело избрани од страна на Собранието

Кога некој предмет 10 месеци седи во Апелациски суд, од авион се гледа дека нешто не е во ред, смета министерот за правда Никола Тупанчески.
Ваквото гледиште тој го изнесе на денешниот брифинг со новинарите на кој, меѓу другото, се коментираа и актуелните случувања во правосудството како што е и укинувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ од Апелација и враќање на повторно судење, како и опасноста од застарувањето на дела од обвинетите во овој и други случаи.
„Судскиот менаџмент не е едноставна работа. Сведоци сме на институтот за застарување на дела. Менаџирањето не значи да се договора каква пресуда да се донесе, тоа значи во разумен рок да се доведе предметот до крај“,
коментираше Тупанчески.
Тој посочи дека во тек се подготовките на измени на два клучни закони, Законот за кривична постапка (ЗКП) и Кривичниот законик (КЗ) и очекува ваквите проблеми да се надминат. На пример, според него, може да се предвиди во новите законски решенија да нема застарување на делото за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Сепак, за работата на судството и обвинителството во конкретни предмети, Тупанчески се оградуваше велејќи дека за одговорност на судија треба да си одлучува надлежниот Судски совет.
Коментирајќи ја генерално работата на ова тело и актуелните законски решенија, министерот алудираше дека можеби се потребни промени и во таа насока. Во Судски совет смета дека можеби е најдобро да членуваат судии од повисок ранг, на пример, најмалку од Апелација. Потенцирајќи дека не мисли конкретно на актуелната претседателка или на некој друг, министерот посочи и дека според него не може стручен соработник кој станал член на Советот да оценува работа на Врховен судија. Исто така, смета и дека не е во ред претседател на Судскиот совет да се избира од членовите кои доаѓаат од редот на оние што се избрани од политичките партии во Собранието.
Ваквите законски измени на кои забелешки дава Тупанчески, стапија на сила во мај 2020 година. Според нив, предвидено е Судскиот совет да има 15 члена од кои 8 се судии и ги избираат судиите на непосредни избори. Петмина, пак, се избираат во Собранието – тројца директно од пратениците, а другите двајца исто така се гласаат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата. Другите двајца членови на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на гласа.
На чело на Судскиот совет, според законот од 2020, пак, може да биде само член кој е избран во Собранието. Така, досега двапати се избираше претседател – прво Павлина Црвенковска, која беше избрана за претседателка во април 2021 и си поднесе оставка на крајот на ноември годинава, а потоа и нејзината наследничка Весна Дамева, избрана на 5 декември 2022 годинава. Двете пред да станат членови на Судскиот совет беа стручни соработници во Апелација односно во Основниот кривичен суд Скопје.