„360 степени“ ги обезбеди извештаите од вонредните финанскиски контроли на Фондот за здравствено осигурување во вкупно 33 клиники, вклучувајќи го и извештајот за Клиниката за детски болести – чија директорка Аспазија Софијанова беше и поводот за проверките
Според извештаите, Софијанова добила речиси 15 000 евра повеќе за дежурства на интензивна нега во првите девет месеци во годинава, отколку што требала да добие според евиденцијата. Контролите откриваат и дека освен (екс) организацискиот директор на Детската клиника, уште четири директори на други клинки добивале повисока плата поради употреба на повисок коефициент при пресметката на плата
Има и други директори кои поминале (и биле исплатени) за многу денови на дежурство во еден месец, но ниту кај еден нема таква неусогласеност меѓу книгите за исплата и за евиденција на дежурства. Сепак, има случаи кои се „гранични“
Се почна пред околу два и пол месеци кога новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салиу, со документи ја соочи директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, дека земала дневници за дежурства и кога била на службен пат.
„Ама јас дежурав и во Словенија. Јас таму бев цело време на дежурство. Јас таму не отидов да се одмарам“,
одговори во таа прилика д-р Аспазија Софијанова, тогаш медицинска директорка на Клиниката за детски болести.
Иако ги отфрли тврдењата дека и другпат добивала додатоци за дежурства што, според интерни документи на клиниката, не ги сработила, Софијанова набрзо поднесе оставка и врати непозната сума пари.
Скандалот повлече вонредни финансиски контроли во сите клиники и клинички болници во земјава. „360 степени“ ги доби извештајот за Детската клиника, каде директоруваше Софијанова, како и извештаите за уште 32 клиники.
Само за дежурствата во интензивна, исплатени екстра 14 000 евра
Оваа колона со шестцифрени бројки се сумите што на месечно ниво ги добивала директорката на Клиниката за детски болести и тоа само за дежурства во интензивна нега. По таа основа, за првите девет месеци од годинава, ѝ биле исплатени околу 23 300 евра.

Проблемот е што бројките не се совпаѓаат со оваа колона главно со петоцифрени броеви, каде се прикажани сумите што директорката требало да ги добие, според евидентните листи за дежурства во Клиниката. Според таа документација, за дежурствата во интензивна нега во првите девет месеци од годинава Софијанова требало да добие околу 8 900 евра или 14 400 помалку од тоа што ѝ било исплатено.
Кога ја поднесе оставката, Софијанова тврдеше дека не било можно да си допишува дежурства.
„Значи, бројот на дежурства го дава главната сестра од одделот каде што го правиме, тоа е одделот за интензивна. Понатаму тие дежурства се внесуваат во ИТ-систем, односно во самиот систем што е во благајна и во него само благајникот е тој што го контролира. Јас ниту можам да си допишам, ниту можам да ставам повеќе дежурства“,
изјави д-р Софијанова на гостување на ТВ Телма, на 21 ноември 2022 година.
Но, во извештајот од вонредната контрола што ја направил Фондот за здравствено осигурување, изработен меѓу 18 и 20 октомври, индиректно се вели дека некој допишувал:

„Постои несовпаѓање на часовите за дежурство наведени во исплатните листи споредено со евидентните листи за поминати часови на дежурство од главната сестра“,
пишува во последниот параграф на страницата под број 5
Се потврдува и дека на Софијанова ѝ биле исплаќани дежурства дури и кога не била во земјава, односно за време на стручно советување во Словенија. А, исплатите не биле за единственото можно дежурство во такви услови.

„Од страна на контролата се констатира дека во евидентните и исплатните листи нема евидентирано и исплатено додатоци за пасивна приправност од 8%“,
пишува на страница 6, во првиот параграф.
Освен медицинската директорка, повеќе пари отколку што му следувало добивал и организацискиот директор на Детската клиника, Аљадин Мемеди. Личниот доход му се пресметувал по коефициент повисок од утврдениот во колективен договор.
„За периодот од 1.1.2022 година до 30.9.2022 година, за организацискиот директор … е повеќе исплатена бруто основна плата во износ од 186 612 денари, а причината е примена на повисок коефициент на сложеност.“
нотирано е во извештајот за организацискиот директор, по вонредната контрола во Клиниката за детски болести.
Ниту Мемеди, ниту Софијанова повеќе не се дел од менаџментот на Детската клиника. Дали и поинаку ќе одговараат, засега е неизвесно.
И други директори земале поголеми плати одошто требало, тврдат по грешка
Но, освен на Детската, Фондот за здравствено осигурување направи вонредни контроли во уште 30-ина други клиники. Ги добивме сите извештаи преку Законот за пристап до информации од јавен карактер. За ниту една клиника нема такви забелешки како за Детската, но и нема клиника која е безгрешна.
Заедничко за речиси сите клиники е што не се води евиденција за работното време на директорите – кога доаѓаат, а кога си одат од работа. Во неколку клиники праксата е покриена со правилник, но во некои од извештаите на Фондот се посочува дека законски никој не смее да биде исклучен од евиденција.

Во голем дел од Клиниките недостасуваат основни документи – на пример, немаат одобрение од Министерството за здравство за дежурства, а реално спроведуваат дежурства. При контролите, на некои клиники ги немало и менаџерските договори или одобренија за скратено работно време поради сложеност на работата, или други документи.
Сепак, фокусот на вонредните контроли беше да се провери – дали некој земал поголеми плати и надоместоци отколку што му следувало. Има неколку констатирани и неколку „сомнителни“ случаи.
Основната плата на директорите се пресметува со:

Множење на најниската плата со најниско ниво на сложеност во здравството, која е договорена на износ од 14 090 денари, со т.н. коефициент на сложеност кој за медицински директор изнесува 8,07, а за организациски 6,379. Така што, основната бруто плата за медицински директор, без стажот, додатоци и дежурства изнесува 113 706 денари, а основната бруто плата на организациски директор е 89 880.
Во извештаите од вонредната контрола се констатира дека на неколку директори платата им е пресметувана по повисок коефициент:
– медицинскиот директор на Ревматологија, Башким Османи (коефициент 8,435 наместо 8,07)
– организацискиот директор на Ревматологија, Хисен Амети (коефициент 8,435 наместо 6,379)
– организацискиот директор на Психијатрија, Љубиша Новотни (коефициент 8,07 наместо 6,379)
– организацискиот директор на Хематологија, Флутим Кадриу (коефициент 7,703* наместо 6,379)
Поради погрешниот коефициент, директорот Османи, на пример, земал 5 000 денари бруто плата повеќе во месецот поради разликата меѓу точниот и погрешно применуваниот коефициент. Но, на пример, директорот Амети месечно добивал околу 28 000 денари бруто плата повеќе поради големата разлика меѓу коефициентите.
На прашањата на „360 степени“, директорите Османи и Амети објаснија дека клиниката конструктивно го прифаќа указот за неправилно пресметаната основна плата:
„Грешката е настаната од нејасно дефинираните критериуми на коефициентите по кои се пресметуваат платите на директори, здравствени работници и соработници, а произлегуваат од Колективните договори доставени од Синдикатот … ЈЗУУ Клиника за ревматологија веднаш постапи по препораките и ги коригираше коефициентите. Клиниката, исто така, ќе постапи и со постепено враќање на средствата, согласно финансиските пресметки“,
одговорија директорите Башким Османи и Хисен Амети.
Дека грешката е веќе поправена одговорија и од Хематологија.
„Управниот одбор на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, со соодветна одлука, изврши корекција, го усогласи коефициентот на сложеност и го задолжи организацискиот директор сукцесивно да ја врати разликата во примените плати за периодот од 9.3.2021 до 7.11.2022 година … Флутим Кадриу веќе редовно постапува по задолжението на Управниот одбор“,
одговорија од Хематологија.
Коригирана е и платата на организацискиот директор на Психијатрија.
„Ве известуваме дека по добивањето на записникот од контролата на ФЗОРСМ, донесено е решение (на 18.11.2022 година) со кое е извршена корекција на коефициентот на плата на в.д. организацискиот директор… Започнато е со компензирање на средствата со исплатата на ноемвриската плата, а во наредните неколку месеци ќе се изврши целосно усогласување (компензирање) на исплатите на плата на в.д. организацискиот директор“,
одговорија од Клиниката за психијатрија.
Од извештаите, сепак, е многу потешко да се одгатне – има ли големи недоследности со пресметките за исплата на дежурства, како на Детската клиника. Нема таква експлицитна констатација, но има повеќе забелешки што оставаат простор за сомнеж.
Дежурства и по 13 пати во месецот, за време на одмор и службен пат?
Во извештајот на Институтот за радиологија, за медицинскиот директор Гордана Антулеска-Белческа, се констатирани денови кога ем користела одмор или слободни денови, ем била потпишана во тетратка за редовно присуство на работа или дежурство.

„(За медицинскиот директор е доставено н.з.) решение за користење на годишен одмор … за период од 20.6 до 27.6.2022 година. Во распоредот за дежурства… има евидентирано дежурство на медицинскиот директор на 22.6.2022 година. Во презентираната рачна тетратка за присуство во редовни работни денови има потпис од медицинскиот директор за работните денови од 20 до 27 јуни 2022 година.“
Понатаму, контролата забележала дека додека директорката била на службен пат на 16 и 17 август, запишана е и дека дежурала на работа.

„Медицинскиот директор ѝ укажа на контролата дека дежурството евидентирано во распоредот за дежурства на доктори 17.8.2022 година го извршил на 17.8.2022 година, по завршување и враќање од службеното патување во Ниш – Република Србија.“
На прашањата на „360 степени“ за овие недоследности, од Институтот за радиологија одговорија со поинакви факти од нотираните во извештајот на ФЗО. Прво, дека директорката не била на одмор при крајот на јуни, како што тврди Фондот.
„Во периодот 20-27 јуни медицинскиот директор не користел годишен одмор. Решенијата за годишен одмор можат да се проверат во архива“,
одговорија од Институт за радиологија.
А, потоа и дека медицинската директорка не била дежурна веднаш по враќањето од службен пат, како што пишува дека изјавила пред контролата на Фондот.
„На посочениот датум медицинскиот директор не дежурал, доказ е Мој термин, медицинскиот директор има смена на дежурство од 17.8. со 22.8.2022 година“,
одговорија од Институтот за радиологија.
На прашањето дали се согласуваат со наодите, од Институтот велат дека Управниот одбор во целост се согласува со ваквите контроли.

На една од хируршките клиники, пак, медицински директор, секој месец дежурал по повеќе од десет пати. Во март, на пример, тој би дежурен 13 пати, на:
- 1 март (вторник)
- 3 март (четврток)
- 5 март (сабота)
- 7 март (понеделник)
- 9 март (среда)
- 11 март (петок)
- 13 март (недела)
- 16 март (среда)
- 18 март (петок)
- 20 март (недела)
- 25 март (петок)
- 27 март (недела)
- 29 март (вторник)
Помали несовпаѓања или случаи каде контролата не можела со сигурност да се изјасни за сите исплати од дежурства има и на:
– Клиниката за Неврохирургија
– Клиниката за Кардиохирургија
– Детска хирургија
– Дигестивна хирургија
– Хируршки клиники
Што понатаму? Според ставовите кои министерот за здравство Беким Сали ги искажа во петочното гостување во „360 степени“, малку се веројатни нови разрешувања.
На прашањето – дали ќе бара да си заминат директорите кои имале погрешно пресметан коефициент, како што се случи со организацискиот директор на Клиниката за детски болести, министерот Сали одговори со толкување на коефициентите поинакво од она на контролорите на Фондот.

„Доколку организацискиот директор е лекар и е универзитетски професор автоматски неговата плата се искачува на 8.4 без оглед дека е организациски директор во здравствена институција.
– Тоа значи дека Фондот не ја направил контролата како што треба?
Фондот ја направил контролата и покажал дека овој директор зема толку, овој олку, но доколку гледате во извештаите на Фондот за здравствено осигурување нема правни упатства како треба да се дејствува понатака туку тие пишуваат само за нивните забелешки што ги имаат во применувањето на колективниот договор“,
изјави министерот Беким Сали, при последното гостување на „360 степени“.
Министерот не беше дециден како ќе постапи ниту за клиниките каде директорите имаат запишано дежурства додека биле на пат, на одмор или, пак, дежурале речиси секој втор ден во месецот.
„Можеби имало обиди за прикривање на евиденциите, но како што гледате, се што е запишано во извештаите на ФЗО, тоа е правна основа за нас за да преземеме мерки во насока на подобрување на спроведувањето на колективниот договор. Ќе повторам уште еднаш, колективните договори не биле почитувани како што требало од моментот, зборувам за 2022 година, значи од моментот на измените во Законот за работни односи“,
изјави Сали.
И додека не е јасно дали и какви дополнителни последици ќе има од вонредните контроли, јасно е дека тие нема да застанат на директорите. Министерот најави дека ќе се проверуваат исплатите и кон останатиот персонал на клиниките, а ќе се чешла и работењето на останатите јавно-здравствени установи.
Директорката од која почна се, Аспазија Софијанова, освен што се повлече од менаџерската позиција, ги врати и парите. Министерот потврди дека станува збор за околу 14-15 000 евра, што е вишокот на исплати само од почетокот на годинава на има дежурства за кои нема податоци во книгата на главната сестра.
*во првичниот текст беше погрешно наведено дека на организискиот директор на Хематологија, Флутим Кадриу, му е пресметувана основна плата по коефицент 8,07