Министерот за надворешни работи својот став за испраќањето на Виктор Димовски за амбасадор во Париз прво ќе го изложи на состанок со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, а потоа ќе ѝ го каже на јавноста

Шефот на дипломатијата Бујар Османи својот став за испраќањето на Виктор Димовски, поранешен директор на Агенција за национална безбедност, за амбасадор во Париз ќе го изложи прво на состанок со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, кои заедно треба да одржат консултации за испраќање на Димовски во Франција.
За тоа кога се очекува да почнат консултациите за испраќање на Димовски за амбасадор, со оглед на критиките на странските партнери поради скандалот „Онишченко“, Османи вели дека формална одлука не е донесена, меѓутоа мислењето на НАТО-сојузниците е важно.
„Ние комуницираме за тоа прашање со претседателот и со премиерот, меѓутоа не сме седнати на формални консултации за да донесеме одлука што понатаму. Се разбира дека мислењето на нашите НАТО сојузници е важно. Јас минатата година побарав сите амбасадори и тие што се во НАТО земји и во ЕУ земји, да добијат, освен наш државен сертификат, да добијат и НАТО сертификат, бидејќи е многу важно да знаеме кој е ставот на сојузниците. Во сојузот тоа е една мрежа во која информациите се обострани. Така да нема ништо спорно во тоа дали некој НАТО сојузник ви даде совет или мислење, бидејќи гледам дека тоа во јавноста се обидува да се прикаже за тоа дали имаат право странски амбасадори да влијаат на нашата одлука, не, ние сме внатре во еден сојуз во којшто разменуваме ставови и ние кажуваме мислење за луѓе во сојузнички држави доколку имаме информации“,
рече Османи.
Тој истакна дека за конкретниот случај треба да седнат на состанок со премиерот и со претседателот и да пресечат што ќе биде понатаму.
„Нема конечна одлука, еве и парламентот може да ја искористи можноста за сослушување, но и ние ќе донесеме одлука“,
кажа Османи.
На прашањето да го каже неговиот личен став дали би испратил за амбасадор човек што има дамка во неговото досие во еден таков клучен град како што е Париз, Османи рече дека има оформено личен став како министер.
„Јас сум важен дел од тој процес во носењето на одлуката, меѓутоа мислам дека е покоректно ако тој став прво го комуницирам на состанокот со претседателот и премиерот, а веднаш потоа да и го кажам на јавноста“,
рече Османи.