Прашањето за уставните измени е сериозно, тоа е државничко прашање. Затоа ова прашање е прашање на принципи, дали некој го поддржува европскиот пат или не. Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи, вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека нема да ја прифати понудата на лидерот на Беса, Билал Касами, кој како услов за уставни измени побара предвремени избори.
„Ќе повторам уште еднаш дека јас под уцени и притисоци не функционирам. Изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за уставните измени е сериозно, тоа е државничко прашање затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во отпочнатиот процес на преговори со ЕУ. Ние започнавме преговори со Европската Унија, во тек е скрининг-процесот и сега сè зависи од нас. Затоа ова прашање е прашање на принципи, дали некој го поддржува европскиот пат или не. Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи“,
одговори Ковачевски на денешната прес-конференција на новинарско прашање.
Наместо тоа Ковачевски повика на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата.
„Ова не е последната одлука до зачленување на С Македонија во ЕУ. Уште тешки одлуки ќе има на тој пат. Следуваат реформи. Тоа е процес што ќе трае до 2030 година, според она што ние сме си го зацртале како цел. Ова е процес што отпочна и нема враќање назад. Тој единствено може да биде закочуван од страна на оние кои се противат на членството на С Македонија во ЕУ. Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Не сакам да верувам дека Касами исто така се има ставено во позиција да биде заложник на партијата Левица“,
додаде Ковачевски.
Тој нагласи дека процеси кои се од стратегиско значење не можат да бидат предмет на уценување, затоа што тие се за граѓаните и тоа е нешто што секој треба да го има на ум.
„Често пати ми го поставувате прашањето дали Владата има 80 пратеника за уставни измени. На владата и требаат 61 пратеник за да биде Влада, на граѓаните има требаат двотретинско мнозинство за уставни измени за да продолжи патот. Ама натаму ќе има уште одлуки за скрининг процесот кој ќе покаже што се ние треба да реформираме во нашето општество. Секој детаљ од општеството е дел од скрининг процесот кој е билатерален и врз основа на кој ќе имаме извештај. Го очекувам извештајот за скринингот во ноември 2023 и таму ќе видиме до каде ни се институциите, законодавството и до каде ни е неговото спроведување во државата. Тоа ќе биде стартната позиција од која ќе треба да ги правиме клучните и големите реформи во државата. Нема уценување за такви процеси. Се друго може да биде предмет на политичка борба, натпревар, меѓутоа вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, на борба за ситни поени, тоа не е фер спрема граѓаните, не спрема Владата“,
нагласи премиерот.
Вчера лидерот на Беса, Билал Касами, најави дека ќе бараат одржување на предвремени парламентарни избори, а доколку власта не го прифати тоа најави дека ќе преземат порадикални чекори.
Касами како услов за уставни измени побара предвремени избори. Според него, внесувањето на Бугарите во Уставот е во директна корелација со одржувањето на предвремените избори.
„Ако за власта приоритет е промената на Уставот и внесување на Бугарите како народ во него, тогаш мора да се направи компромис за предвремени избори. Мислам дека ако се има волја за да се решат проблемите и актуелните во делот на интегрирањето и економските и енергетските и за слабото менаџирање на институциите, се надевам дека можеме да се договориме и за уставни измени и за избори“,
кажа Касами.