Втора најголема лага на Мицкоски во 2022 е тоа дека нема да започнеме преговори со ЕУ. Тој тврдеше дека преговорите за членство во ЕУ се недостижна цел. Но, и оваа лага на Мицкоски многу брзо потона, велат од СДСМ
Владејачката СДСМ денеска продолжи со изнесувањето на, како што велат од партијата, најголемите лаги на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кажани во годинава што изминува.
Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ на денешната прес конференција рече дека се што Христијан Мицкоси правел во 2022 година биле лаги и деструкции.
„Првата и најголема негова голема лага беше дека со прифаќањето на европскиот предлог, ќе следувале асимилација и бугаризација. Втора најголема лага на Мицкоски во 2022 е тоа дека нема да започнеме преговори со ЕУ. ‘Македонија нема ниту скрининг ниту почеток на преговори со ЕУ’, ‘Албанија ќе преговара, а ние ќе седиме во чекалната’. Ова беа зборовите, ова беа лагите на Мицкоски кој тврдеше дека преговорите за членство во ЕУ се недостижна цел. Но, и оваа лага на Мицкоски многу брзо потона“,
рече Каевски.
Портпаролот на СДСМ рече дека Северна Македонија започна преговори со ЕУ на 19 јули, скринингот е веќе во тек, а најважно е што преговорите се започнати со заштитен македонски јазик и идентитет.
„Ќе остане запаметено дека Мицкоски и неговите пратеници со сите сили се противеа на усвојувањето на европскиот предлог кој обезбеди почеток на преговорите со ЕУ, после 17 години минати во чекалната. Мицкоски го лаже народот, слаб е и нема став. Затоа што е во целосно заложништво на Димитар Апасиев и на погрешна страна на историјата. На Мицкоски не може да му се верува“,
додаде Каевски.