Ова подразбира да направиме нешто ново, со тоа што ќе го дадеме старото, нешто што е во согласност и со стратегијата или со нашите национални цели за здравството до 2030 година, рече министерот за здравство во емисијата „360 степени“
Во однос на локацијата на која би се градел новиот клинички центар во Скопје, министерот рече дека била правена СВОТ-анализа за шест локации во главниот град, при што, на крај, повторно Веле Поле, покрај обиколницата во Општина Ѓорче Петров, се покажала како најсоодветна
Владата неделава одржала тематска седница на која министерот за здравство Беким Сали презентирал концепт за реорганизација и консолидација на јавните здравствени институции во земјава. Во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Сали рече дека концептот не се однесува само на изградба на нов клинички центар во Скопје, туку и на нови шест регионални болници за да се подобри квалитетот на услугите во секундарното и терциерното здравство, а се води сметка и за здравствениот кадар.
Притоа, вели министерот, концептот не предвидува дополнителни задолжувања од државата.

„Долгот што нашата држава ќе го земе во разни банки или фондови ќе биде нула. Ова подразбира да направиме нешто ново, со тоа што ќе го дадеме старото, нешто што е во согласност и со стратегијата или со нашите национални цели за здравството до 2030 година“,
рече министерот за здравство.
Сали не сакаше да открие многу во врска со начинот на финансирање, но рече дека прво ќе се разговара со домашните бизнисмени и стопанските комори за да се види дали може да најдат интерес.
„Според концептот што сме го направиле ние, изгледа остварливо, но остварливоста ќе се провери во координација со министерствата за финансии и за транспорт и иврски, како и со стопанските комори што ги имаме во нашата земја“,
рече тој.

Во однос на локацијата на која би се градел новиот клинички центар во Скопје, министерот рече дека била правена СВОТ-анализа за шест локации во главниот град, при што, на крај, повторно Веле Поле, покрај обиколницата во Општина Ѓорче Петров, се покажала како најсоодветна. Таа локација беше промовирана уште во 2019 година.
Концептот, вели Сали, подразбира и грижа за здравствениот кадар чие одлевање создава големи проблеми.
„Ќе се потрудиме да ги минимизираме одењата во Скопје. Ние забележувам околу 500 илјади упати на годишно ниво од останатите градови во насока на Скопје или ако го поделиме, тоа подразбира околу 2 000 пациенти на ден во Скопје дојдени за да добијат здравствени, болнички, дијагностички или консултативни услуги, што не може да се толерира за една држава која претендира за интеграција во Европа“,
вели Сали.
Министерот рече дека комисијата од претставници од министерствата за здравство, финансии и транспорт, која ќе ја проверува остварливоста на концептот, треба да се формира најдоцна за еден месец.