Инспекторатот не сака да се врати во склоп на Министерството за животна средина. Директорот Сретен Стојковски смета дека со таква реформа ќе ја изгубат независноста во постапувањето
Инспекторите ќе добијат мини печатари кои ќе бидат инсталирани во службените возила, за да можат на лице место да ги принтаат записниците и решенијата
Државниот инспекторат за животна средина до ноември годинава реализирал 1 928 инспекциски надзори, за што велат дека е надминување од 20 отсто на годишниот план за работа. Изготвиле околу 400 решенија, изрекле 63 прекршочни санкции и една кривична пријава. Во државниот буџет од нив се слеани над 300 илјади евра кои ги „заработиле“ од санкции и спогодби со правни и физички лица.
„Од изречените глоби, ДИЖС за 2022 година си ја обезбеди нето платата. Картичката за репрезентација на директорот е нула денари потрошени од периодот кога е именуван до денеска“,
кажа директорот Сретен Стојковски на денешната прес-конференција.
Годинава се направи и над сто вонредни инспекциски надзори за управување со отпад и изречени се казни. Уште се краде и песок од речните корита ширум државава.
„Инспекторатот пред 20 дена фати фирма која нелегално ископувала песок во речно корито и побара постапка за спогодување во Комисијата на Министерството за животна средина, каде казната се движи од 36 до 40 000 евра глоба“,
кажа Стојковски.
ДИЖС годинава вршеше надзор врз чистењето на малата депонија со линдан во кругот на хемискиот гигант Охис, како и на теренските испитувања на потенцијалната депонија со линдан над Пеленица. На новинарско прашање зошто се пропушта зимата, како идеален период за чистење на малата депонија, оти нема испарувања од жештините, Стојковски изрази зачуденост за застојот на процесот.
„Тендерот за третиот лот е распишан, завршен е, колку што имам информации истиот изведувач е, Полиеко од Грција бил учесник на тендерот. Уште не е склучен договорот, не ми е јасно зошто нема активности во овој период, бидејќи испарувањата во летниот период се големи, концентрациите и емисиите на HCH се големи во летниот период. Зошто не се работи, мислам дека тоа прашање треба да се упати во Министерството за животна средина. Најавите се дека и во следните три месеци нема да има работа што е загрижувачки, бидејќи ќе дојдат топлите денови кога испарувањето ќе биде големо, реакциите на граѓаните и сега се на високо ниво, така што, сите институции, и оние кои се задолжени за спроведување на тендерот треба да направат сè, да се искористи овој период кога времето е ладно за да има активности во делот на ископување и отстранување на изомерите на HCH“,
рече Стојковски на новинарско прашање за активностите во кругот на ОХИС.
Тој посочи дека во тек се постапки за спогодување, но и за пред суд за ненаплатени надоместоци за одведување на отпадни води од јавните водостопански претпријатија за период од 2011 до денес.
„Само три јавни претпријатија вкупно должат над 3 милиони евра. Во овој период е издадена и интегрирана еколошка дозвола за РЕК Битола со оперативен план за подобрување. Дозволата за РЕК Битола е издадена на 02.12. 2022. Во тек е одобрување на елаборати за голем број хотели кои се наоѓаат во регионот на Мавровско езеро. Тука имаме голем притисок од јавноста, значи веќе почнуваат да се одобруваат елаборатите и поставувањето на пречистителни станици. Во тој регион имаме општински инспектор за животна средина, така што очекуваме подобрување“,
кажа Стојковски.
Инспекторатот има нов Сектор за инспекциски надзор во природа со подрачни одделенија -запад и исток. Институцијата има вкупно 24 вработени од кои 22 се инспектори, еден е административец и директорот. Во тек им е огласот за вработување на уште тројца инспектори и исто толку административци, за кои имало доволен број на кандидати кои ја поминале првата фаза на селекција.
Стојковски најави дека инспекторите ќе добијат мини печатари кои ќе бидат инсталирани во службените возила, за да можат на лице место да ги принтаат записниците и решенијата.
Комуникацијата со граѓаните односно поднесувањето претставки се одвива преку веб-страницата на Инспекторатот и социјалните мрежи како и јавно објавените телефонски броеви и е-маил адреси. Годинава ДИЖС одговориле по три барања за информации од јавен карактер.
Директорот е против реформи во јавната администрација.
„Инспекторатот се произнесе по овие предлози за реформи на јавната администрација и е против тоа ДИЖС да се врати во рамки на Министерството за животна средина, со што ќе ја изгуби независноста, а претпоставувам и транспарентноста и отчетноста во однос на своето постапување“,
кажа Стојковски.
Инаку, ДИЖС годинава одбележува 26 години постоење.