Таму стои колку е субвенцијата од Владата, а не од политичка партија. Државата ја субвенционира електричната енергија за целиот регулиран пазар, тоа не ниту пропаганда ниту е леток, туку е сметка за електрична енергија, нагласува премиерот

На последните сметки за струја што ЕВН ги достави до граѓаните, во долниот дел во посебни колони, е наведено дека Владата преку државниот производител ЕСМ ги субвенционира сметките за електрична енергија во висина од 73 отсто за сите домаќинства во земјата и е даден пример за пресметките.
Според премиерот Димитар Ковачевски, не станува збор за никакви владини пропаганди летоци затоа што тоа воопшто не е ниту пропаганда ниту е леток, туку е сметка за електрична енергија.
„Таму стои колку е субвенцијата од Владата, а не од политичка партија. Државата ја субвенционира електричната енергија за целиот регулиран пазар“,
изјави Ковачевски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку е етички сметки што ги издава приватна компанија да се користат како владини пропаганди летоци.
Објаснувањето на Ковачевски е дека ЕСМ произведува електрична енергија што ја испорачува на ЕВН за да ја дистрибуира до потрошувачите на регулираниот пазар, а тоа значи за 600 000 домаќинства и 70 000 мали потрошувачи.
„ЕСМ испорачува електрична енергија што е субвенционирана од Владата. Таа субвенција се носи во буџетот и се префрла на ЕСМ за да произведува електрична енергија и да набави енергенси. Субвенцијата изнесува 73 отсто од цената на електричната енергија што граѓаните би ја платиле доколку не е субвенционирана од страна на државата до ЕСМ и преку ЕСМ до крајните потрошувачи. Многу е етички од страна на Владата во текот на целиот изминат период. Тоа е висок морален чин на една влада што се грижи за сите да ја субвенционира цената на електричната енергија и со тоа да не дозволиме ценовен шок за граѓаните. Така беше досега, а така ќе биде и од 1 јануари. Нема да има ценовен шок за граѓаните“,
нагласи Ковачевски.
Според него, убаво е да се знае дека постои субвенција на цената на електрична енергија затоа што има уште еден многу важен аспект, а тоа е штедењето на електрична енергија бидејќи секој заштеден киловат-час електрична енергија од сите нас тоа значи и помалку потрошени финансиски средства од буџетот.
Денеска и ЕСМ даде објаснување дека во сметката за електрична енергија каде што се прикажани примери за сметка и за износ на субвенцијата што ја добива домаќинство се вкалкулирани: сумата што ја намирува Владата како разлика од актуелната субвенционирана цена на ЕСМ до производната цена на ЕСМ.
„Во пресметката е вкалкулирана и разликата од реалната цена за технички загуби која досега МЕПСО и ‘Електродистрибуција’ ја обезбедуваа од берза, а сега од ЕСМ по субвенционирана цена“,
се вели во соопштението од ЕСМ.