Претседателот на Советот признава дека имало критики во дискусиите за досегашните извештаи за ВЈО Скопје под раководство на реизбраниот Хајрулахи, но исто како и неговиот колега од Советот, Коле Штерјев, тврди дека тоа не е вина на старо-новиот шеф туку на хиерархиски пониските – основните обвинителства кои се под надлежност на ВЈО Скопје. Ниту тие, вели Јолески, не се виновни бидејќи неажурност и заостаток има поради недостаток од обвинители

Жално е што Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми ги повлекоа кандидатурите за шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски по седницата на која тој и другите членови, едногласно со осум гласа „за“ го реизбраа Мустафа Хајрулари за втор четиригодишен мандат на ова обвинителство.
Зошто се повлекле двајцата обвинители, тој рече дека не знае.
„Не сакаа да ги коментираат нивните изјави кажуваат дека тоа е нивна слободна волја и не можеме надвор од тоа ниту смеам да се пуштам од тоа. Можете да ги прашате нив зошто тие се повлекоа. Жално е што се повлекуваат кога веќе се пријавиле, јас сметам дека треба да си останат на своите кандидатури, меѓутоа тоа не е моја одлука. Тоа е одлука на оној што се пријавил“,
рече Јолевски.
Жално е што се избира за еден пријавен кандидат, но од друга страна, пак, според него, оставањето на обвинителствата без шефови само ќе ја одолговлекува постапката и ќе се направи друг поголем проблем.
„Ниеден од тие што се в.д. поставени шефови не презема порадикални чекори за решавање на проблемите бидејќи знае дека е времено поставен, па сите избегнуваат да се зафатат со поголеми ангажмани затоа што не знаат до кога ќе биде така“,
коментира Јолевски.
Од Хајрулахи очекува да ги подобри состојбите бидејќи, како што тврди, нагорен тренд се забележувал во последните месечни извештаи за работата на ВЈО под негово раководство.

И претседателот на Советот признава дека имало критики за неажурност во дискусиите за досегашните извештаи, но исто како и неговиот колега од Советот, Коле Штерјев, тврди дека тоа не е вина на Хајрулахи туку на хиерархиски пониските – основните обвинителства кои се под надлежност на ВЈО Скопје. Ниту тие, вели Јолески, не се виновни бидејќи има недостиг од обвинители.
„Точно е дека ги констатираме сите негативности и слабости во извештаите и даваме одредени забелешки. Слушнавте денеска од колегите кои кажаа дека тие забелешки се однесуваат во целина на работата на ВЈО Скопје кое е, да не речам, пола територија од државата. А, состојбата во основните обвинителства е таква, што кога ќе кажеме Вишо обвинителство, на него се рефлектира целото тоа. Состојбата во основните е загрижувачка бидејќи тие се оние кои го продуцираат оној заостаток на предмети и кога ќе дојде годишниот извештај на Вишото сумирајќи ги тие резултати гледаме дека имаат многу малку во споредба со другите сработено. Не дека го немаат сработено, работат и во основните, но работат онолку колку можат со оној број на обвинители кој го имаат. Во овој момент имаме 162 обвинители од потребни 244, што значи 82 помалку. Ако ги додадеме и оние 18 во ОЈО ГОКК кои се влечат од тие 244, тоа се точно 100 обвинители помалку“,
изјави Јолевски кој очекува наскоро да се пополнат неколку места со оглед дека една од генерациите на Академијата за судии и јавни обвинители деновиве треба да полага завршен испит, а меѓу кандидатите 28 се за идни јавни обвинители.
Во однос на изборот на Хајрулахи, други членови на Советот дадоа пофални зборови за обвинителот во текот на седницата пред едногласно да го реизберат за шеф. Тоа што во јавноста се оцрнувало неговото име, според членот Коле Штерјев, го правеле новинарите поради желбата за сензација откако Фетаи и Рустеми решија да се повлечат.

„Имаше убава дискусија на Советот за Вишото јавно обвинителство Скопје, точно е дека имаше забелешки дека немал конфискации и немало податок за истраги. Меѓутоа, ВЈО, доколку тоа не е побарано во пониските обвинителства, не може да измисли и да направи конфискација. Желбата да се предизвика сензација во јавноста, како да се роди потреба кога се повлекоа другите кандидати, па дај сега да го оцрниме и да му се става кабает за вина што не е неговата. Кога зборувавме за ажурноста, таа се однесуваше на основните обвинителства, оттука сакам да кажам дека ќе го поддржам Хајрулахи“,
рече Штерјев на седницата.
Арбен Исаку, пак, во дискусијата рече дека Хајрулахи е познат од претходно и имајќи ги предвид состојбите во ВЈО Скопје од пред неговото доаѓање и тоа како е сега, работите доста се подобрени. Фиданка Рајевска, која беше третата што се јави за збор, пак, посочи дека обвинителот во првиот мандат се соочил со сериозни проблеми поради недостатокот на обвинители, но оти смета дека сега работите течат добро.
Советот на јавни обвинители денеска го избра и доскорашниот член на Советот, Фарик Арслани, за шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар. Тој беше избран со седум гласа „за“ и еден „воздржан“, во конкуренција на две други обвинителки. Едната беше Деса Пауновска која доби четири гласа „за“, три „воздржани“ и еден „против“, додека другата кандидатка беше Душица Димитриеска која доби по два гласа „воздржани“ и „за“, а четири „против“.
Димитриеска, подоцна во текот на седницата, пак, во конкуренција на уште еден кандидат беше избрана за за шефица на Основното јавно обвинителство Гостивар.
Шефици добија и три други основни обвинителства. Досегашната в.д. Теута Бедиу-Рамадани, ќе остане на чело на ОЈО Куманово, а во трката имаше уште двајца кандидати. Оливера Нечаковска и Елизабета Мишева-Јорданова, пак, како единствени пријавени ќе ги предводат основните обвинителства во Битола и Кавадарци.