Откако стигнале во викендицата на обвинетиот, тој почнал да ѝ се заканува дека нема да излезе жива оттаму и дека ако каже некому што се случило ќе ги убие нејзините родители и другарки. Додека ѝ се заканувал, до него држел секира. Потоа извршил обљуба врз неа и ги запалил нејзината облека и телефон за да ги прикрие трагите
На предлог на Основното јавно обвинителство Гевгелија, на 24-годишен гевгеличанец со иницијали Д.П. му е одреден 30-дневен притвор поради кривично дело силување.
Во соопштението од Обвинителството за конкретниот случај се наведува дека осомничениот во понеделникот (19 декември) се договорил да се сретне со својата долгогодишна пријателка оти му било роденден.
Тој ја зел својата пријателка со автомобил и ја однел кај тениското игралиште лоцирано кај поранешната касарна во Гевгелија, каде што почнал да ѝ кажува дека ја сака. Кога девојката, која била врсничка на обвинетиот, го одбила, тој станал агресивен, ја фатил со двете раце за вратот и започнал да ја дави од што таа изгубила свест.
„Кога се освестила, со возилото биле стигнати пред местото викано Динќот, па бидејќи осомничениот возел побавно, оштетената ја отворила вратата и побегнала надвор од возилото и почнала да бара помош. Во близина немало никој, па осомничениот го запрел возилото, излегол надвор и кога ја стигнал почнал со боксови да ја удира по лицето во пределот на главата и очите. Од ударите оштетената повторно паднала во бессознание, по што осомничениот ја ставил во возилото и ја однел во викендица во селото Конско, сопственост на неговото семејство“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Во соопштението се додава дека откако стигнале во викендицата, девојката давала отпор, но обвинетиот почнал да ѝ се заканува дека нема да излезе жива оттаму и дека ако каже некому што се случило тој ќе ги убие нејзините родители и другарки. Додека ѝ се заканувал, до себе држел секира.
„Потоа извршил обљуба врз неа неколкупати, па ги запалил нејзината облека и телефон за да ги прикрие трагите. Ја натерал да му вети дека нема да го пријави, по што ѝ дал друга облека од викендицата и ја оставил пред куќата во која живее“,
посочуваат од Обвинителството.
