Потребно е да се формира функционален Уставен суд и да се назначат неговите четворица судии. Оваа постапка треба да започне од овој петок, која би требало да заврши најдоцна до крајот на јануари. Ова е клучно за Црна Гора да се извади од најлошата институционална криза во последните години, посочи министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон
Доколку не се формира функционален Уставен суд, а парламентарното мнозинство формира нова Влада врз основа на контроверзните измени на Законот за претседател, Европската унија би можела да размисли за стопирање на евроинтеграциите на Црна Гора.
Ова го соопштија сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александар Шаленберг и министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, кои беа овластени од високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во негово име во декември да ја посетат Црна Гора.
Тие се сретнаа со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, со претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ и со техничкиот премиер Дритан Абазовиќ.
„Потребно е да се формира функционален Уставен суд и да се назначат неговите четворица судии. Оваа постапка треба да започне од овој петок, која би требало да заврши најдоцна до крајот на јануари. Ова е клучно за Црна Гора да се извади од најлошата институционална криза во последните години“,
рече Фајон на прес-конференцијата по средбите.
Фајон оцени дека ситуацијата во Црна Гора е загрижувачка и предупреди дека Црна Гора ризикува да ги прекине пристапните преговори со ЕУ.
Таа изјави дека во разговорите со официјалните претставници ја изразила својата поддршка за Црна Гора да ја надмине институционалната блокада и да напредува на патот на европската интеграција. Фајон повтори дека Законот за претседател на Црна Гора е под знак прашалник, особено затоа што нема Уставен суд да ја оцени неговата легитимност.
Фајон подвлече дека ЕУ сериозно ќе ја преиспита можната соработка со Влада која би била избрана врз основа на така донесениот закон. Таа уште истакна и дека е оптимист оти ситуацијата во Црна Гора ќе се подобри по денешните средби и нагласи дека Брисел го цени „непоколебливото противење на Црна Гора на руската агресија“.
Шаленберг истакна дека долго време Црна Гора била најнапредната земја на патот кон ЕУ, но сега работите се поинакви. Тој рече дека не се во приватна или билатерална посета, туку како пријатели кои се загрижени за ситуацијата во таа земја.
„Оваа посета е јасно предупредување, но и охрабрување“,
рече Шаленберг, но предупреди дека, доколку вака продолжи , Црна Гора ризикува „да го пропушти следниот воз на патот кон ЕУ“.
Црногорскиот Уставен суд со месеци е без кворум, бидејќи по пензионирањето на дел од судиите има тројца членови од вкупно седум.
Во исто време, Владата на премиерот Дритан Абазовиќ се уште е во технички мандат, иако на 20 август и беше изгласана недоверба.