Претходно овој месец, САД го ослободија рускиот дилер на оружје Виктор Бут, кој отслужуваше 25-годишна затворска казна, во замена за Бритни Гринер, американска кошаркарка затворена во Русија за поседување дрога
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершинин, рече дека повеќе од 60 руски „заложници“ отслужуваат затворски казни во Соединетите Држави, што според него е резултат на нелегалната глобална потрага по Руси од страна на американските разузнавачи. Вершинин ова го изјави во интервју за руската новинска агенција РИА објавено во вторникот, во време кога Вашингтон бара нова размена на затвореници со Москва. Вершинин не кажа колку луѓе може да вклучува ова.
„Вкупниот број руски граѓани (во американските затвори) кои се всушност заложници е повеќе од 60“,
рече тој.
Тој не изнесе никаков доказ дека се осудени на затвор од политички причини или поради некоја друга неоправдана причина, но рече дека во САД постои општо антируско расположение и дека тоа е негово гледиште.
Претходно овој месец, САД го ослободија рускиот дилер на оружје Виктор Бут, кој отслужуваше 25-годишна затворска казна, во замена за Бритни Гринер, американска кошаркарка затворена во Русија за поседување дрога. Американските медиуми објавија дека Русија одбила во таа размена да го вклучи Пол Вилан, американски маринец осуден во 2020 година за шпионажа.
Според американските медиуми, Русија бара ослободување на Вадим Красиков, кој беше осуден во 2019 година за убиство на чеченски дисидент во Берлин, како замена за Вилан. Германските власти наводно одбиле да учествуваат во тоа.