Овој јавен повик, како што нагласи министерот за транспорт Бочварски, е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании. Воедно, додаде тој, повикот е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска Унија
Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за субвенционирање на нови авиолинии од двата аеродрома во земјава, Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Јавниот повик, како што посочи ресорниот министер Благој Бочварски, се однесува за период од три години и тоа периодот од 2023 до крајот на 2025 година.
Овој јавен повик, како што нагласи Бочварски, е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании. Воедно, додаде тој, повикот е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска Унија.
„Нашата крајна цел е да обезбедиме раст на авиосообраќајот во Република Северна Македонија а на граѓаните да им овозможиме атрактивни дестинации согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите”,
порача Бочварски.
Заинтересирани авиокомпании за учество на повикот треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на ЕУ, да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварен профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година. Исто така, треба да достават изјава заверена на нотар за дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите.
Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка.

„Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба. Ќе се доделува финансиската поддршка од седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и од 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид“,
информира Бочварски.
Авиопревозникот кој ќе биде избран да користи субвенции е должен секоја нова дестинација воспоставена од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува финансиската поддршка, да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање. да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации, а на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за своето работење.
Повикот е отворен заклучно со 19 следниот месец до 12:00 часот, до кога може да се доставуваат барања во архивата на Министерството за транспорт и врски, а наредниот ден ќе се одржи отворањето на поднесените барања за финансиска поддршка.
Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“ заврши на 1 март годинава.
Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66 584 935 денари, во 2020 година 21 098 924 денари, во 2021 година 10 475 649 денари, а годинава не се исплатени средства.