КФОР од нас побара уште малку време. Затоа сме во координација, во редовна, континуирана, интензивна комуникација со КФОР и очигледно барикадите нема да се толерираат уште долго, изјави косовскиот премиер
Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека патиштата на северот на Косово нема да може уште долго време да останат блокирани и дека приштинските власти се во редовна координација со КФОР (воената мисија на НАТО на Косово) во врска со ова прашање, јавува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

„КФОР од нас побара уште малку време. Затоа сме во координација, во редовна, континуирана, интензивна комуникација со КФОР и очигледно барикадите нема да се толерираат уште долго“,
изјави косовскиот премиер.
Локалните Срби на северот на Косово десетти ден ги блокираат патиштата поради апсењето на нивниот сонародник Дејан Пантиќ, кој е поранешен припадник на косовската полиција. Тој се товари за учество во нападот во просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица на 6 декември.
Инаку, на барикадите се претежно присутни работници вработени во српските институции кои функционираат на Косово, најмногу оние од образованието и здравството.
Како што пишува РСЕ, формиран е и т.н. кризен штаб, кој исто така главно го сочинуваат вработени во институции финансирани од Србија.
Откако една недела учениците не одеа на училиште поради „безбедносната ситуација“, овој кризен штаб донесе одлука основците од денеска да се вратат во училниците, додека средношколците наставата ќе ја следат онлајн.
Партијата Српска листа, која дејствува на Косово со поддршка на Белград, ги поддржа барикадите, а Србија побара од КФОР да врати до 1 000 свои сили врз основа на резолуцијата 1244.
Косовскиот премиер Курти подвлече дека тоа е „нереално барање“, кој говори дека Србија останала во деветнаесеттиот и дваесеттиот век.
Тој очекува дека НАТО ќе одговори негативно на ова барање од Белград.
Запрашан за коментар за протестот на десничарските групи од Србија на граничниот премин „Јариње“ што се одржа вчера, Курти рече дека тој имал за цел да го дестабилизира Косово, но дека таквите иницијативи ќе осудени на пропаст.
Група ултрадесничари на преминот „Јариње“ од српска страна вчера во еден момент го пробија полицискиот кордон составен од српски полицајци при што дојде до судир во кој полицијата употреби пендреци за одвраќање на толпата. Групата беше спречена да премине на косовската страна на границата каде беа распоредени припадници на КФОР.