Онаму каде што се појавиле грешки при пишувањето на книгите и нивното рецензирање, тие ќе треба да бидат вратени и да бидат заменети со текстови кои ќе бидат напишани на научен начин, рецензирани согласно научната пракса и како такви повторно дистрибуирани, вели премиерот

Министер за образование не ги пишува учебниците. Учебници пишуваат автори, а рецензија прават рецензенти, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара одговорност од министерот Јетон Шаќири по скандалот со учебникот по Историја и општество за петто одделение во кој беа најдени низа грешки.
Со тоа, додаде Ковачевски, сметам дека при пишувањето на учебниците, оние што се автори треба да имаат поголемо внимание при пишувањето, меѓутоа и рецензентите треба подобро да обрнат внимание при рецензирањето на книгите.
„Затоа онаму каде што се појавиле грешки при пишувањето на книгите и нивното рецензирање, тие ќе треба да бидат вратени и да бидат заменети со текстови кои ќе бидат напишани на научен начин, рецензирани согласно научната пракса и како такви повторно дистрибуирани“,
рече Ковачевски.
Денеска и Здружението на историчарите по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за петто одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска упати реакција во која се нотирани, како што велат, редицата пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла. Од Здружението најавуваат дека во најскоро време до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.
„Сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во 21 век учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации“,
се вели во реакцијата од Здружението на историчари на Република Македонија.
Покрај, како што нагласуваат, кардинални и издвоени забелешки, мора да се истакне дека учебникот се одликува и со неквалитетна нагледност.
Од Здружението сметаат дека текстовите воопшто не одговараат на клучните методолошки прашања на кои треба да одговори еден наратив, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто.
„Во учебникот ретко се поставува прашањето ‘како’, а прашањето ‘зошто’ воопшто не се ни обработува. Современото образование бара развој на критичкото размислување, кое воопшто не може да се поттикне од вака составените текстови. Во учебникот не се става акцент на информациите и на нивната точност, туку на современите идеолошки определби кои кога се истакнуваат на штета на историскиот наратив, се неприфатливи“,
се наведува во реакцијата од Здружението на историчарите.
По многуте реакции во јавноста за повеќе катастрофални грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска преку социјалните мрежи дадоа објаснување дека грешките биле технички, а тие не можеле да го прегледаат учебникот пред печатењето.
Според нив, учебникот кој е тема на дискусија е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба, уште во мај годинава.
Во нивната реакција се вели дека е навредлива констатацијата дека авторките се неписмени, нестручни и некомпетентни.
Ангеловска и Илиоска бараат надлежните во МОН да ги коригираат електронските верзии и ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти, како што им посочуваат и за сите други учебници, каде ќе констатираат грешка.
Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека од Националната комисија за учебници се побарани информации за работата на сите вклучени во постапката за одобрување на новиот учебник по историја и општество за петто одделение.
Од МОН велат дека низата грешки и нелогичности не смееле да се дозволат, а поради тоа треба да се утврдат причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот.
Откако Комисијата како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, ќе до достави извештајот, од МОН велат дека ресорниот министер Јетон Шаќири ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.