КФОР соопшти дека го зголемил присуството на административниот премин Јариње од превентивни безбедносни причини
Србите на северот на Косово и Метохија влегоа во десеттиот ден од протестите поради апсењето на сонародниците и присуството на косовската полиција на северот на покраината.
Тие се уште се на барикадите во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Затворени се и премините Јариње и Брњак, под контрола на косовската полиција.
Од денеска основците се враќаат на училиште, додека средношколците наставата ќе ја продолжат онлајн.
КФОР соопшти дека го зголемил присуството на административниот премин Јариње од превентивни безбедносни причини.
„КФОР денеска по координација со сите страни го зголеми присуството на Јариње од безбедносни причини. Ова зголемување е резултат на можното присуство на организирани криминални групи меѓу демонстрантите“,
се вели во соопштението.
Тие подвлекуваат дека секогаш е важно „сите лица кои учествуваат на протестот да го изразат своето мислење на мирен начин, избегнувајќи непропорционално насилство, агресивни ставови и однесувања што може погрешно да се сфатат како провокација или непотребно насилство“.
Група граѓани, вчера, протестираа на приодот од централна Србија и како што велат дошле да му дадат поддршка на српскиот народ на Косово и Метохија.