Во разговор за „360 степени“, од Град Скопје велат дека сите информации околу новогодишната прослава и украсувањето на градот ќе бидат презентирани на прес-конференција. Засега нема информации кога е предвидено одржувањето на истата
На петнаесетина дена до Нова година, единственото нешто што ја навестува новогодишната атмосфера во Скопје и евентуалната прослава за новогодишната ноќ во Скопје се вкупно 14-те куќички-штандови кои може да се забележи дека се поставени околу партерната фонтана на плоштадот „Македонија“.
Дали и каква прослава ќе организира Градот, дали ќе се закачи некаков новогодишен украс, сè уште не е познато.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска досега неколку пати најавуваше дека ќе одржи посебна прес-конференција во врска со ова прашање, а во минатонеделното гостување во емисијата „360 степени“ потврди дека Скопје ќе биде украсено за претстојните празници. И таа тогаш, но и сега од нејзиниот кабинет, не откриваат детали туку најавуваат посебна прес-конференција на која велат дека ќе бидат презентирани сите информации околу новогодишната прослава и украсувањето на градот. Засега нема информација ниту кога би се одржала.
Она што може да се види на централниот плоштад во Скопје, покрај новогодишните куќарки, е и дека сè уште стојат црвените ленти и информативните табли со кои е оградена партерната фонтана, а кои беа поставени откако минатиот месец во неа пропадна камион. Дупката што ја направи при падот во фонтаната, сега е санирана.
Минатата година новогодишното украсување во главниот град почна на 16 декември.
Тогаш градоначалничката Данела Арсовска, која на функцијата беше само околу еден месец, одлучи да го раскине договорот што Град Скопје го потпишал со фирмата „Линк медиа плус“ за новогодишно украсување на главниот град во мандатот на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Како причина за раскинувањето на договорот беше наведена енергетската криза.
За годинава, пак, беше најавено дека нема да се применува досегашната практика на најмување на фирма која ќе го украсува Скопје, туку дека Градот ќе купи сопствени украси и на тој начин ќе заштеди пари од буџетот.