Изјавата на Грковска беше во контекст на прашања поврзани со нејзиниот судир со државниот јавен обвинител кој, реагирајќи на личен став на вицепремиерката во врска со резултатите од неговата работа, преку писмено соопштение оцени дека функцијата што таа ја извршува е непотребна. Таа истакна дека сите активности што ги презема нејзиниот кабинет завршуваат со исход, односно со заклучоци кои потоа се реализираат, без разлика дали се поврзани со планот на кабинетот или станува збор за „ад хок настани“
Вицепремиерката посочи дека ќе мора да се интервенира не само во правилниците и подзаконските акти, туку во, одредени случаи, и во самите закони, за да не се случи во иднина да имаме „прилично интересни резултати“ при изборите за шеф на ОЈО ГОКК
Не може да има генерални услови за избор на сите судии и обвинители, туку треба да има специфични критериуми во зависност од тоа за во кој суд и за во кое обвинителство ќе бидат избирани, изјави денеска вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска одговарајќи на новинарски прашања во рамките на регионалната конференција за борба против корупција што се одржува во Скопје.

Изјавата на Грковска беше во контекст на прашања поврзани со нејзиниот судир со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој, реагирајќи на личен став на вицепремиерката во врска со резултатите од неговата работа, преку писмено соопштение оцени дека функцијата што таа ја извршува е непотребна.
Таа истакна дека сите активности што ги презема нејзиниот кабинет завршуваат со исход, односно со заклучоци кои потоа се реализираат, без разлика дали се поврзани со планот на кабинетот или станува збор за „ад хок настани“.
Како пример за еден таков „ад хок настан“ кој бил разгледуван од нејзиниот кабинет, Грковска ги спомена спогодбите на Обвинителството со тројцата обвинети во случајот „Империја“ – Јордан (Орце) Камчев, Сашо Мијалков и Ненад Јосифовиќ. Тие постигнаа спогодби со Обвинителството да платат големи суми пари и да одлежат една, односно три години затвор.
Грковска го спомена овој случај без да споменува имиња, но јасно алудирајќи за кои лица и за кои спогодби станува збор.
„Сакам да истакнам дека реагираме не само и според она што сме го предвиделе во планот на кабинетот туку и на ад хок настани како што беше меѓудругото спогодбата на обвинителството во три случаи бидејќи сметавме дека е тоа поразително како порака во општеството кон младите луѓе и затоа веднаш ја организиравме заедно со министерот за правда, состанок со обвинители судии универзитетски професори, невладините организации, медиумите да видиме каде се слабостите во системот, а тоа е она што како владата треба да го направиме и тоа е и улогата на кабинетот за политики за добро владеење да ги детектира системските слабости заедно со сите да наоѓа начини како тие да се премостуваат. Беше една прилично искрена и отворена дискусија каде што нотиравме на што ќе се фокусираме во наредниот период“,
рече Грковска.
Друг случај, кој бил разгледуван и за кој биле донесени заклучоци од владиниот кабинет за политики за добро владеење, што го наведе Грковска, без повторно да кажува имиња, но јасно давајќи до знаење за кого зборува, за изборот на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Вицепремиерката посочи дека ќе мора да се интервенира не само во правилниците и подзаконските акти туку во, одредени случаи, и во самите закони, за да не се случи во иднина да имаме „прилично интересни резултати“ при изборите за шеф на ОЈО ГОКК.
Како една од клучните измени што треба да се направат е при изборот да се воведе цензус, односно праг на излезеност на изборите, под кој тие бие се сметале за неважечки.
Како што е сега, рече Грковска, во иднина ќе може да се случи на избори да излезе само еден кандидиран, да гласа за себе и да биде избран.
„Не може да има генерални услови и за обвинителството за организирана криминал. Таму треба да бидат обвинители со искуство, кои имаат веќе рекорд на успешни случаи од областа на организиран криминал и корупција, во смисла на тоа дека треба да се фокусираме кон правилници и подзаконски акти, меѓутоа и закони како што е тој за Судскиот совет и на Советот на обвинители кои што можат да се изменат со просто мнозинство, а има начини како се подобрат решенијата во постојните закони, а кои што предизвикуваат слабости во функционирањето. За двотретинските закони во кои е практично дефиниран условот за избор на Јавен обвинител за тоа ќе треба политичка волја и зрелост и од опозицијата заради тоа што знаете какви беа реакциите (за изборот на Ислам Абази н.з.) од законски аспект – изборот е во ред меѓутоа без немање цензус без немање други услови при избор ние ќе можеме да се соочиме во иднина без разлика на можноста на обвинителите на непосредни избори да одлучуваат кој ќе го води тоа обвинителство да имаме прилично интересни избори во иднина. Може да се случи само тој што е кандидиран да излезе да гласа за себе и да биде избран“,
изјави Грковска.
Во врска со изборот на судиите, вицепремирката рече дека тоа е работа на самите судии (бидејќи ги избира Судскиот совет н.з.), а она што е обврска на Владата, додаде Грковска, таа веќе го исполнила.
Владата досега го зголемила буџетот, ги зголемила капацитетите, факт е дека треба уште и дека тоа не е доволно, меѓутоа факт е дека она што Владата можела да го направи како голем исчекор е направено. Останува на судиите и обвинителите да ја извршуваат својата обврска со интегритет, да не бидат подложни на надворешни влијанија, да се држат исклучува до законите и праксата и едноставно да влеат доверба во граѓаните, која, за жал, сега ја немаат – дека непристрасно ги носат одлуките и дека законите важат за сите подеднакво без разлика дали станува збор за политичари, бизнисмени итн., рече Грковска.
Прашана, дали со нејзините критики се меша во работата на судството и обвинителството, вицепремиерката за политики за добро владеење кратко и децидно одговори – „Не!“
Инаку, Грковска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески минатата недела влегоа во отворен судир откако вицепремиерката во гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ рече дека според неа Јовески нема покажано доволно како јавен обвинител за да биде унапреден во уставен судија.
Грковска го критикуваше и изборот на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) велејќи дека поразително е што обвинителите немаат интегритет сами да одлучуваат.
Ден потоа јавниот обвинител излезе со писмена реакција, во која наведе дека вицепремиерката со своето поведение и изнесените ставови, како носител на јавна функција од извршната власт, директно се меша во работата на Јавното обвинителство и ја загрозува неговата самостојност.
Јовески индиректно одговори и на личното искажаното противење на Грковска во однос на неговата кандидатура за уставен судија. Како што смета таа дека тој нема покажано доволно за да биде унапреден, така и Јовески оценува дека функцијата која таа ја извршува е непотребна.
Јовески, иако поканет, денеска не беше присутен на Конференцијата за борба против корупцијата.
„Беше поканет обвинителот, го потврди своето присуство, не знам од кои причини не е тука“,
рече Грковска.