Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“. Претседателот на Србија изјави дека во Резолуцијата „недвосмислено се наведува дека ова барање мора да се прифати“, и оти таа „потврдува дека на српската војска и полиција ќе им биде дозволено да се вратат на територијата на Косово за да извршуваат одредени функции“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека официјален Белград ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово.

Изјавата на Вучиќ доаѓа откако претставници на Србите на северот на Косово денеска поставија барикади, протестирајќи против апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.
Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Претседателот на Србија изјави дека во Резолуцијата „недвосмислено се наведува дека ова барање мора да се прифати“, и оти таа „потврдува дека на српската војска и полиција ќе им биде дозволено да се вратат на територијата на Косово за да извршуваат одредени функции“.
Во врска со враќањето на безбедносните сили Вучиќ рече дека не станува збор за можност, туку за обврска на КФОР да го озвоможи тоа.
„До денес не се водени разговори со КФОР за враќање на српската војска и полиција“,
рече Вучиќ.
Српскиот претседател изјави дека „нема никакви илузии“ дека КФОР ќе го прифати барањето на Србија и дека „знае оти тие ќе го одбијат тоа барање“, иако, според него мора да го прифатат.
„Ќе најдат безброј причини поради кои ќе не известат дека тоа не е потребно и дека целосно ја контролираат (состојбата), иако немаат право на тоа. Ќе бараме нови правни потези кои ќе ја водат Србија во иднината. Нашата формално-правна борба допрва доаѓа“,
рече Вучиќ.
Тој истакна дека српските власти го истражиле случајот со апсењето на Дејан Пантиќ и дека ѝ укажал на меѓународната заедница на непромисленоста на оние кои ја извршија таа акција со која, како што додаде, го загрозија мирот.
За Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, апсењето на полицаецот е „чин на одмазда и заплашување“.
Пантиќ е поранешен припадник на косовската полиција. Тој ја напушти полицијата на 5 ноември, заедно со други претставници на Србите кои потоа започнаа со бојкот на косовските институции.
„Србите реагираа, бидејќи сфатија дека само го чекаат денот кога некој ќе дојде по нив“,
изјави Вучиќ.
Тој ги негираше обвинувањата на косовските власти дека Белград и тој лично даваат наредби за поставување на барикадите и за нарушување на безбедносната состојба на Косово.
„Вечерва нашите се на барикадите, луѓето мрзнат затоа што немаат друга опција, не се слушнав со никој од нив, сето тоа го направија сами, не можат повеќе да ја поднесуваат суровоста“,
рече Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека членовите на РОСУ во последните денови биле „со долги цевки“ на северот на Косово, иако „немаат право да го сторат тоа без одобрение на градоначалниците на општините на север“.
Тој рече дека 2022 година била „рекордна“ по бројот на етнички мотивирани инциденти врз Србите на Косово и дека до 8 декември 2022 година се случиле „131 повеќе етнички инциденти во споредба со минатата година“.
„Курти и неговата лажна влада се апсолутни шампиони во создавање инциденти против Србите“,
рече Вучиќ.
Тој уште еднаш го обвини Косово за „прекршување“ на Бриселскиот договор.
Вучиќ изјави дека на 15 декември Косово ќе поднесе барање за членство во Европската Унија, што е, како што истакна, погазување на Вашингтонскиот договор.
„Денеска испратив писмо до претседателите и премиерите на петте земји од ЕУ кои не ја признаа независноста на Косово, бидејќи согласно член 49 од договорот за Европската Унија, прием можат да бараат само независни земји, а не оние кои не се. Верувам дека сите принципиелно ќе се изјаснат за тоа“, Вучиќ.
рече српскиот претседател.
Договорот од Вашингтон, со поддршка на САД, Србија и Косово го потпишаа во 2020 година.
Тој предвидува дека Косово ќе се воздржи од барање членство во меѓународни институции и организации и дека Србија ќе ја прекине кампањата за „де-признавање“ – дека повеќе нема да бара од другите земји да го повлечат признавањето на независноста на Косово.
Косово прогласи независност во 2008 година, која Белград не ја признава. Сепак, Србија и Косово водат дијалог за нормализација на односите под покровителство на Европската Унија (ЕУ).