Повикувам на индивидуална одговорност, не прифаќам колективна одговорност. Ако сакаме подобрување на системот, на општеството во кое живееме мора да имаме индивидуална одговорност, порача вицепремиерката во гостувањето на Телма ТВ

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, зборувајќи за борбата против корупцијата во вечерашната емисија „Топ тема“ на Телма ТВ, рече дека мора да се направи коалиција на луѓе со интегритет во сите области.
Во таа насока, таа го критикуваше изборот на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) велејќи дека поразително е што обвинителите немаат интегритет сами да одлучуваат.
„Изборот на шефот на ОЈО ГОКК е сосема законски, но тоа што мене како граѓанин прво ме поразува, и ова отворено го кажувам, е немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно“;
„Ние како Влада сме овозможиле предлог на закон којшто поминал во Собранието и со којшто се овозможило на тајно гласање обвинителите да го изберат првиот човек на обвинителството за организиран криминал. И ние се доведуваме во ситуација, се соочуваме со обвинители кои се плашат, дека и покрај тоа што гласаат тајно некој може да дознае“,
зборуваше Грковска во „Топ тема“.
Таа нагласи дека солидарноста внатре во фелата, во обвинителството, во судството, мора да престане. Прво заради самите судиите и обвинителите, на нив не им оди во прилог да се става дамка на сите нив, само заради неколкумина.
„Повикувам на индивидуална одговорност, не прифаќам колективна одговорност. Ако сакаме подобрување на системот, на општеството во кое живееме мора да имаме индивидуална одговорност. Ние имаме обврска да ги детектираме слабостите на системот, да обезбедиме решенија и да го направиме системот отпорен на корупција со луѓе со интегритет во сите сфери на општеството“,
На тема за борба против корупцијата, вицепремиерката порача дека тоа е обврза на сите и тука не ја иззема ниту Владата од чиј состав е и самата таа.
„Секоја од институциите има своја улога во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Меѓутоа, важно е да се разгледуваат поединечните капацитети, поединечните успеси и да се види која е најслабата алка и од која причина добиваме се поотворени оценки и дојдовме до степен да добиваме вакви отворени и без ракавици пораки од нашите меѓународни пријатели“,
додаде Грковска.