На ѕвездата во бразилскиот тим, Нејмар, не му се веруваше како од речиси пласирани во полуфиналето, „кариоките“ на крајот останаа со празни раце
Не им беше лесно на хрватските фудбалери на теренот во Катар, но и на илјадниците навивачи кои го следеа натпреварот на плоштадите и улиците во повеќе градови во Хрватска.
По драматичниот натпревар од околу два и пол часа, хрватските навивачи еуфорично ја прославија победата над Бразил и пласманот во полуфиналето од Светското првенство. Натпреварот се следеше во кафулиња, во ресторани, на плоштади…
„Момците беа одлични, најдобри и најубави се. Очекувам да добијат злато бидејќи тоа и го заслужуваат“.
„Супер почнавме. Горди сме на нашите момци“,
се дел од коментарите на хрватските навивачи што ги пренесува РТЛ ТВ.
Фудбалерите на бразилската репрезентација, пак, по поразот од Хрватска не можеа да ги скријат солзите и разочарувањето.
На ѕвездата во бразилскиот тим, Нејмар, не му се веруваше како од речиси пласирани во полуфиналето, „кариоките“ на крајот останаа со празни раце. Нејмар вечерва се израмни со рекордот на легендарниот Пеле, постигнувајќи го 77. гол во дресот на Бразил, меѓутоа од теренот и тој си замина во солзи.










Натпреварот помеѓу Хрватска и Бразил по основните 90 минути заврши без победник 0:0. Во судиското надополнување од првото продолжение Бразил преку Нејмар поведе со 1:0. Хрватска се избори за пенали со голот на Бруно Петковиќ во 117. минута.
Во пенал рулетот Хрватите беа максимални прецизни. Погодија Влашиќ, Мајер, Модриќ и Оршиќ. Кај Бразилците реализира Каземиро и Педро, додека Родриго и Маркињос не беа прецизни.
Најзаслужен за пласманот на Хрватска во полуфиналето е голманот на Динамо Загреб, Доминик Ливаковиќ кој покрај одбранетиот пенал на Родриго во серијата удари од 11 метри, во неколку наврати ја спаси својата репрезентација.
Во полуфиналето на Мундијалот во Катар, Хрватска ќе игра со победникот од мечот меѓу Холандија и Аргентина, кој ќе започне вечерва во 20 часот.