Како што најави Стејт департментот, Дерек Шолет од 12 до 17 декември ќе ги посети Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Хрватска, како и Брисел, со цел да ја нагласи постојаната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на регионот
Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Шолет следната недела ќе биде во посета на Западен Балкан, а главни теми на неговите разговори ќе бидат енергетската безбедност, напредокот на патот кон ЕУ и дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Според најавата на Стејт департментот, американскиот функционер посетата на регионот ја започнува во Приштина, на 12 и 13 декември.
Потоа, на 13 декември ќе биде во Белград каде со српските претставници ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот на Србија кон членството во ЕУ. Ќе се разговара и за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во дијалогот со посредство на ЕУ за да се постигне сеопфатна нормализација на односите со Косово.
На 14 декември Шолет ќе отпатува за Сараево, а истиот ден ќе биде и во Скопје каде што со владини претставници ќе разговара за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Следниот ден, 15 декември, Шолет ќе ја посети Подгорица, а истиот ден и Загреб каде со владините претставници ќе разговара за соработката во областа на одбраната, европската енергетска безбедност, како и за економскиот просперитет и безбедност во регионот. Дополнително ќе се финализираат и договорите меѓу Хрватска и САД за взаемна правна помош и екстрадиција.
Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Шолет својата европска турнеја ќе ја заврши во Брисел, каде на 16 и 17 декември ќе разговара за соработката со партнерите од ЕУ и НАТО за голем број глобални прашања, вклучително и континуирана поддршка за Украина, процесот на пристапување во ЕУ и европската интеграција на земјите на Западен Балкан, енергетска безбедност и дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ.