Од граѓаните е побарано да се воздржат од пазарење во следните три дена за да се спречи циркулација на пари во иранскиот банкарски систем. Што е можно повеќе продавници, особено во економските центри како што се чаршиите во големите градови, треба да останат затворени до среда, сугерираат активистите

Иранските активисти повикаа на нов бран протести, почнувајќи од денеска, со цел да се нанесе економска штета на исламската република, пренесува ДПА.
Од граѓаните е побарано да се воздржат од пазарење во следните три дена за да се спречи циркулација на пари во иранскиот банкарски систем. Што е можно повеќе продавници, особено во економските центри како што се чаршиите во големите градови, треба да останат затворени до среда, сугерираат активистите.
Иран е зафатен од национални протести по смртта на Курдката Махса Амини, која беше уапсена од полицијата за морал во земјата поради кршење на строгиот исламски кодекс на облекување на жените во Иран. Локалните медиуми тогаш јавија дека таа била приведена од полицијата за морал бидејќи неколку прамени коса биле видливи под нејзината шамија, позната и како хиџаб. Таа почина во полициски притвор неколку дена по апсењето во средината на септември.
Повикот за нови протести доаѓа откако иранското раководство, наводно, одлучило да ја распушти полицијата за морал, според иранскиот јавен обвинител Мохамед Џафар Монтазери.
Сепак, набљудувачите во голема мера сметаат дека ова е обид да се смират демонстрантите во контекст на планираните тридневни демонстрации.
Иранската морална полиција, која е задолжена да го спроведува кодексот на облекување во земјата, е распуштена, по повеќе од два месеца протести низ земјата кои беа предизвикани поради апсењето, а потоа и смртта на 22-годишната Махса Амини за наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран.
Иранскиот државен обвините Монтазери, според Би-би-си, му рекол на иранскиот парламент дека ќе се разгледа законот кој бара жените да носат хиџаб.
Ако полицијата за морал биде укината, тоа би имало големо влијание врз способноста на државата да го контролира она што го носат жените. Но, се уште не е јасно дали властите планираат да ги олабават законите кои наложуваат жените да ја покриваат косата и телото, кои и натаму остануваат на сила.
Протести за поддршка на жените во Иран беа организирани во земјите ширум светот во последните два месеци.
Инаку, моралната полиција во Иран има право да апси жени кои го прекршуваат строгиот кодекс на облекување на оваа земја. Според законот кој е во сила од 1983 година, Иранките и жените од странство, без разлика на религијата, мора да носат превез и широка облека на јавни места.