Во меѓувреме, српските медиуми јавуваат дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјавил оти утре тој и Вучиќ ќе договорат заеднички став за учество на претстојниот самит во Тирана. Додик изјавил и дека, доколку претседателот на Србија не оди на оваа средба, под знак прашалник ќе биде и присуството на претставници на Република Српска во Тирана
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе донесе одлука дали ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана по утрешната средба со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, јави РТС.
Во изјава за новинарите, Дачиќ вели дека одлуката за заминување во Тирана не е мотивирана од тоа дали Србија сака да влезе во ЕУ или не.
„Таа одлука е одлука за бескрајната толеранција на ЕУ кон провокаторите на ескалацијата на конфликтот на Косово и Метохија, односно кон Курти“,
рече Дачиќ и додаде дека косовскиот премиер ги фрлил под нозе ЕУ и Бриселскиот договор.
Тој, исто така, посочи дека сите планови зависат од тоа дали ЕУ и меѓународната заедница сакаат да вршат притисок врз оние кои, како што рече, упорно предизвикуваат конфликти.
Откако пред неколку дена настапи со остар речник бесен на Европската Унија и беше дециден дека Србија нема да учествува на Самитот на ЕУ и Западен Балкан закажан за 6 декември во Тирана, српскиот претседател Александар Вучиќ потоа омекна во своите ставови и кажа дека ќе размисли за учеството на Самитот.
Ваквите изјави на Вучиќ ги коментираше и премиерот на Албанија Еди Рама, чија земја е домаќин на претстојниот самит на ЕУ и Западен Балкан. Тој изјави дека на српскиот претседател не му преостанува ништо друго освен да дојде на самитот. Во спротивно, како што рече, тоа би било катастрофа за Србија и за него.
Во меѓувреме, српските медиуми јавуваат дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјавил оти утре тој и Вучиќ ќе договорат заеднички став за учество на претстојниот самит во Тирана.
Додик рекол дека ставот на претседателот на Србија за одење на самитот во Тирана е многу јасен, но дека треба да се земат предвид и реалните околности, односно фактот дека тоа е самит на ЕУ и Западен Балкан и дека Србија е најважната земја во регионот.
„Веројатно ЕУ нема да гледа на тоа без никакви обиди да обезбеди присуство на претседателот Вучиќ, но она што е важно е утре во текот на денот да се искристализираме и да донесеме заеднички став дали да одиме или не“,
изјавил Додик за Танјуг.
Додик изјавил и дека, доколку претседателот на Србија не оди на оваа средба, под знак прашалник ќе биде и присуството на претставници на Република Српска во Тирана.
Самитот на Европската Унија и Западен Балкан ќе се одржи во вторник на 6 декември во Тирана, Албанија