Музеј на ВМРО. Здание чија изградба е под истрага на СЈО. Слично како раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое изминатиот викенд во Музејот го прослави 27-от роденден на матичната партија, партија која е една од најбогатите во Европа. Но, материјалниот суперлатив не се преслика во годинашнава прослава. Можеби затоа што ова е прв роденден по полнолетството што ВМРО-ДПМНЕ го дочека во опозиција.
– ВМРО ДПМНЕ е во фаза на внатрешно реструктуирање и пред кадровско освежување. Партијата ги прави последните подготовки за новиот начин на дејствување за ново создадената ситуација. Во тек се консултации внатрепартиски дијалог за промени и корекции се она што е наша слабост и грешка. Креирање и на нови политики во различни области каде недостасуаа или беа застарени или запоставени. Во тек е внатрешна обнова за нов почеток, ново утро за повторно враќање на власт – рече Никола Груевски – претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Задоволни од функционирањето, но и со низа забелешки се членовите и симпатизерите кои дојдоа на прославата. Што и посакуваат на партијата како роденденска честитка?
„Мора да има некои промени во партијата, нешто од ново да се почне за да се издигне пак, да се возвиши, инаку без реформи тешко ќе оди.“
„Не, во ВМРО се сите во ред. Нема што да се смени во ВМРО. Никола да си остане пак на чело.“
„Можеби евентуално некои мали измени, но генерално гледано целиот состав беше во многу добра, да не кажам и одлична позиција. Имало тука таму кои би можеле евентуално да се сменат.“
„Јас сметам дека треба да дојдат нови сили. Има луѓе кои не заслужуваат, кои го одработиле своето и толку им е капацитетот. Не може во ова време да дадат нови идеи, немаат нови идеи и затоа треба да дојдат нови сили. Има луѓе кои ги имаат тие особини кои ќе придонесат за консолидирање на партија, за подобро утре.“
Лидерот Груевски најави реструктуирање во партијата, но групата функционери од ВМРО-ДПМНЕ кои пред една недела побараа реформи и демократизација, беа експресно отстранети од партиските позиции. Тогаш по што се разликуваат концептот на промени на раководството на партијата и оној на незадоволните членови?
Одговор не добивме.
„Ова е еден значаен јубилеј, значаен роденден, јас сепак би завршила дека треба да бидеме единствени, сплотени со многу љубов и посветеност да работиме за иднината на нашата држава“, вели Елизабета Канческа Милевска.
„ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш знаела дека кадровската понуда е важен дел од политиката и секогаш имаме човечки потенцијали да понудиме освежување на начинот на работа зависно од тоа што сме приметиле дека е одреден недостаток во сите овие години, сепак сме голема организација. Ценам дека единството ни е врвен приоритет без разлика на мислењата на поединци“, вели Антонијо Милошоски.
„Овде атмосферата е славеничка, обединувачка и без знаци на слабост, во духот на слоганот на прославата – единствени. Реално или само како фасада?“
Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ славеше под надзор на смрзнатиот поглед на околните споменици. Но, роденденскиот собир помина без дел од довчера лојални партиски функционери.
„Недостаток на демократија во партијата не е нов. Сега се наоѓаме во една суптилна внатрешна криза, која можеби делумно останува покриена за јавноста, но ние во партијата ја знаеме“.
Ваков е ставот на Петар Богојески, докторанд по политички науки, кој од 1995 е член на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е основач и претседател на општинскиот комитет на унијата на млади сили во Крушево. Беше на функции во повеќе државни институции, а сега е државен советник во министерството за одбрана. Вели дека партијата од 90-тите години наваму успеала да преживее многу кризи – од периодот кога Кљусев беше премиер, преку Георгиевски и сега кога лидер е Груевски.
„Претседателот рече ќе прави реформи во партијата. Но, на нас не ни требаат површни туку суштински и статутарни реформи. Ништо нема да добиеме од промена на лидер или 10 луѓе во Централен и Извршен комитет, тоа ништо нема да постигне. Нема гаранција дека новиот лидер нема да греши понатаму. Поентата е да направиме систем на партијата за контрола на партиските функционери кои нема да дозволат да се направат вакви стратешки грешки кои не доведоа до внатрешна и наворешна политичка сцена“, вели Богојески.
Покрај Богојески, во штабот што бара реформи е и Александар Михајловски, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1996 година. Работеше во МВР, беше претседател на неколку партиски комисии и правен застапник на партијата пред ДИК. Иницијативата за промени во која членува повикува на генерален реизобор на сите партиски функционери на тајно гласање, промена на политиките и деизолација на ВМРО-ДПМНЕ, како на внатрешен така и на меѓународен план.
„Сочекавме да видиме каков ќе биде одговорот на партијата односно дали ќе се отвори внатрепартиска дискусија за причините поради кои ВМРО ДПМНЕ не успеа да формира влада и кој е планот на партијата за излез од таа ситуација. Кога се понуди реформа персонална само за кадровски освежувања оценивме дека тоа нема да биде доволно за партијата да излезе од сегашната ситуација од домашна и меѓународна изолација. Излеговме да побараме суштински реформи за демократизација на партијата како прв чекор и предуслов за повторно враќање на силата“, вели Михајловски.
На прашањето зошто реформи токму сега, кога ВМРО-ДПМНЕ остана во опозиција, Михајловски вели дека ако порано побарале внатрепартиска дебата, тоа ќе влијаело негативно на позициите на партијата пред изборите.
„Ние сметаме во оваа ситуација во која се наоѓа ВМРО ДПМНЕ, дека демократизацијата на партијата ако се врати пороцесот на одлуките да го носи членството, тоа ќе биде мотивационен услов членовите масовно и активно да се врати силата на партијата“, вели Михајловски.
Од Републичкиот штаб за реформи не ги откриваат следните чекори. Велат дека ќе одат чекор по чекор. Тврдат дека енергијата за промени тлее кај многумина нивни сопартијци и дека допрва ќе се ослободува. Најавуваат активно лето и нови приврзаници. Дали еден од нив е советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар, Илија Илијовски, кој по роденденската објава на лидерот Груевски за потребата од внатрепартиски реформи, на Твитер праша – И сега кој ќе почне прв со извинување? На коментарот на една твитерџика дека на реформи требало да се сети пред година, две, три…, Илијовски одговара: Значи, признаваш дека одамна требало реформи. Знаеш, никогаш не е касно.
Напишете коментар