Ако полицијата за морал биде укината, тоа би имало големо влијание врз способноста на државата да го контролира она што го носат жените. Но, се уште не е јасно дали властите планираат да ги олабават законите кои наложуваат жените да ја покриваат косата и телото, кои и натаму остануваат на сила
Иранската морална полиција, која е задолжена да го спроведува кодексот на облекување во земјата, е распуштена, вели јавниот обвинител на земјата, Мохамед Џафар Монтазери, по повеќе од два месеца протести низ земјата кои беа предизвикани поради апсењето, а потоа и смртта на 22-годишната Махса Амини за наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран, пишува Би-би-си.
„Полицијата на моралот нема никаква врска со судството и таа е укината“,
изјавил државниот обвинител Мохамед Џафар Монтазери за време на верска конференција.
Иранскиот државен обвините Монтазери, исто така, според Би-би-си, му рекол на иранскиот парламент дека ќе се разгледа законот кој бара жените да носат хиџаб.
Ако полицијата за моралот биде укината, тоа би имало големо влијание врз способноста на државата да го контролира она што го носат жените. Но, се уште не е јасно дали властите планираат да ги олабават законите кои наложуваат жените да ја покриваат косата и телото, кои и натаму остануваат на сила.
Најавата за укинување на моралната полиција се оценува како отстапка за демонстрациите предводени од жени, означени како „немири“ од властите кои го зафатија Иран откако 22-годишната Амини почина во притвор на 16 септември, три дена по нејзиното апсење од полицијата за морал во Техеран поради наводно кршење на строгите правила за носење хиџаб. Активистите и нејзиното семејство тврдат дека Амини починала откако била претепана во затвор.
Протести за поддршка на жените во Иран беа организирани во земјите ширум светот во последните два месеци.
Инаку, моралната полиција во Иран има право да апси жени кои го прекршуваат строгиот кодекс на облекување на оваа земја. Според законот кој е во сила од 1983 година, Иранките и жените од странство, без разлика на религијата, мора да носат превез и широка облека на јавни места.