Русија нема да прифати ограничување на цената на нејзината нафта и анализира како да одговори, соопшти Кремљ, за договорот на западните сили да го ограничат клучниот извор на финансирање на војната во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија ќе спроведе брза анализа на договорот и потоа ќе одговори.
Русија постојано повторува дека нема да испорачува нафта на земјите што ќе го спроведат ограничувањето – став што го потврди и Михаил Улјанов, претставник на земјата во меѓународните организации во Виена.
„Од оваа година Европа ќе живее без руската нафта“,
напиша Улјанов на твитер.
Вчера групата седум земји (Г7) и Австралија соопштија дека договориле ограничување на цената од 60 долари за барел на руската нафта која се транспортира преку море, откако претходно членките на Европската Унија го надминаа отпорот од Полска и постигнаа политички договор за ограничување на горната граница на цената на нафтата што Русија ја извезува по морски пат на 60 долари за барел.