Претседателката на ЛДП изрази очекување дека овие две теми ќе бидат ставени на агендата на претстојниот Самит на ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи следната недела на 6 декември во Тирана
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова информира дека Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) денеска ја усвоила резолуцијата предложена од ЛДП за укинување на трошоците за роаминг услуги во јавните мобилни комуникациски мрежи, како и меѓусебно признавање на универзитетски дипломи и професионални квалификации меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
Бесплатната роамиг зона, претседателката на ЛДП ја нарече отскочна штица во дигиталната трансформација на регионот којашто ќе ја подобри мобилноста, соработката и регионалниот развој.
„Ова е значаен чекор на Западен Балкан во усогласувањето со принципите и практиките на единствениот дигитален пазар на ЕУ. Воведување на концептот ‘Рим како дома’ помеѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Треба да се отстранат сите тарифи за роаминг, што значи дека нема доплата на домашната малопродажна цена за разговори, СМС и податоци додека сте во роаминг во предвидениот период“,
вели Зајкова.
Во однос на земното признавање на универзитетските дипломи и професионалните квалификации меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, Зајкова вели дека со тоа ќе дојде до усогласување со принципите на европската област за високо образование наведени во поглавјата на Болоњскиот процес и Конвенцијата за признавање на квалификации за високото образование во европскиот регион.
„Со тоа конечно граѓаните од Македонија и Западен Балкан полесно ќе комуницираат и ќе бидат конкурентни на европскиот пазар. Се надеваме дека и оваа мерка ќе биде имплементирана до крајот на 2023 година како што истакнавме во резолуцијата“,
истакна Зајкова.
Претседателката на ЛДП изрази очекување дека овие две теми ќе бидат ставени на агендата на претстојниот Самит на ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи следната недела на 6 декември во Тирана.