Станува збор за училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“
По пауза од две недели, денеска повторно осум училишта во главниот град на своите електронски адреси добиле дојави за поставени бомби во своите објекти.
Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи, од каде што посочија дека по добиената пријава се преземени мерки за безбедна евакуација на училиштата. Во тек се и антитерористичките проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Станува збор за училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.
Денешните дојави за поставени бомби во дел од скопските училишта следуваат по пауза од две недели. Последниот пат кога училиштата во главниот град добија закани за поставени експлозиви во своите објекти беше на 16 ноември. Тогаш се утврди дека сите седум дојави за поставени бомби во скопските училишта се лажни.
Скопските средни училишта изминатиот период повеќепати добиваа закани за поставени бомби, за кои полицијата утврди оти се лажни.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска на панел-дискусија „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи” во рамки на Петтата пленарна сесија на Национална конвенција за ЕУ во Северна Македонија, прашан за тоа како се справуваме како држава со хибридните закани, особено ако се земе предвид фактот дека многу училишта добија дојави за поставени експлозивни направи, рече дека во тој контекст се и дојавите за поставување експлозивни направи во скопски средни училишта и оти во МВР прашањето се третира со максимална сериозност.
„Сите дојави од страна на МВР се третираат со максимална сериозност и се преземаат сите активности – откако ќе се спроведе евакуацијата, се обезбедува заштитен периметар и се пристапува кон антитерористичка проверка на објектите и околината, при што се ограничува и пренасочува сообраќајот. Притоа, Северна Македонија не е некој исклучок за ваквите хибридни напади т.н. лажни дојави за бомби. Напротив, на ваков тип напади масивно се изложени и соседните земји – како на пример: Србија, Хрватска и Црна Гора, а и подалечните, како Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн. Без разлика на зачестените закани, Министерството на секоја закана ѝ приоѓа со максимална професионалност и сериозност“,
рече тој.