Претседателот на Сојузна Република Германија ги поздрави активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и истакна дека му претставува задоволство да ги слушне ставовите на младите од Северна Македонија, нивните размислувања за Европската Унија, како и нивните очекувања од Германија
Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер денеска во Старата чаршија во Скопје остварија средба со Алумни членови на Претседателскиот центар за политичко образование и стипендисти на партнерските организации на центарот.
Во дискусијата посветена на перспективите на младите во Северна Македонија и за процесот на европска интеграција на регионот, двајцата претседатели порачаа дека една од обврските на политичарите е да овозможат услови и да го поттикнат економскиот развој и раст на државите, со цел младите да имаат перспективи во нивните земји.
Претседателот на Сојузна Република Германија ги поздрави активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и истакна дека му претставува задоволство да ги слушне ставовите на младите од Северна Македонија, нивните размислувања за Европската Унија, како и нивните очекувања од Германија.
„Претседателски центар за политичко образование е формиран со одлука на претседателот Стево Пендаровски во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност. Во рамки на ПЦПО се одржува Школата за политики, а партнери на проектот се Фондацијата `Фридрих Еберт`, Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата `Конрад Аденауер`, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Фондацијата `МК2025`“,
се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.
Претходно, двајцата претседатели остварија прошетка низ Старата скопска чаршија, како културно-историски дел од градот и симбол на нашето мултиетничко општество.
Тие посетија работилница за филигран и се запознаа со начинот на изработка на уникатен накит, каде неизоставен дел беа и експонати на македонскиот рубин. Во Сули ан, поразговараа со студенти од Факултетот за ликовни уметности, при УКИМ и посетија едно од ателјеата каде се одржува нивната настава.
Пендаровски и Штајнмајер престојуваа и во Националната галерија Чифте Амам, каде што се сретнаа со Хатиџе Муратова и проследија инсерти од филмот „Медена Земја“.
Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, престојува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија. Од Скопје германскиот претседател ќе замине во посета на Албанија.