Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година
Центарот за македонски јазик во Грција објави дека официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година. Одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.
Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата. Меѓу другото, Центарот за македонски јазик во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на нашата организација во судскиот регистар на невладини организации.

„Станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција“,
велат од Центарот.
Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – притоа користејќи го и македонското кирилично писмо, додаваат оттаму.
Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година.
Ваквото достигнување не претставува крај, туку почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција. Затоа Центарот за македонски јазик во Грција во наредниот период ќе се насочи кон исполнување на своите цели од Статутот кои го предвидуваат следново:
– изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница;
– поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија;
– поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали;
Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме, соопштуваат од Центарот на македонскиот јазик во Грција.
Заев: Еве ги плодовите на Преспа
По веста за официјалното регистрирање на Центарот на македонски јазик во Грција, со реакција на Фејсбук се јави поранешниот премиер Зоран Заев.
„Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите што зборуваме македонски јазик, на сите Македонци.
напиша Заев.
Им честитам на основачите на Центарот за македонски јазик во Грција и на сите граѓани на Северна Македонија и Грција кои се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји. Им благодарам и на поранешниот и на сегашниот премиер, Ципрас и Мицотакис, за вербата и посветеноста во градењето искрено пријателство и добрососедство“,