Комисијата за Буџетот треба да работи 10 дена, а потоа материјалите со амандманите повторно одат до Владата, по што се враќаат во Собранието. Очекувам Буџетот да се најде на пленарна седница на 13-14 декември, рече Џафери на денешниот брифинг со новинарите. Тој потсети дека штом конечниот текст на предлог-буџетот ќе се најде на пленарна седница, расправата по него според собранискиот Деловник може да трае максимум пет дена и петтиот ден се става на гласање
Претседателот на Собранието, Талат Џафери очекува предлог-буџетот за 2023 година да се најде на пленарна седница кон средината на декември, откако ќе заврши целата процедура во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Расправата за предлог-буџетот за 2023 година почна денеска, со презентација на предлог-текстот пред пратениците на матичната Комисија од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Џафери на денешниот брифинг со новинарите потсети на процедурите и роковите за донесување на Буџетот, предвидени со легислативата и Деловникот на Собранието.
„Комисијата за Буџетот треба да работи 10 дена, а потоа материјалите со амандманите повторно одат до Владата , по што повторно се враќаат во Собранието. Очекувам Буџетот да се најде на пленарна седница на 13-14 декември“,
рече собранискиот спикер на брифингот.
Џафери додаде дека штом конечниот текст на предлог-буџетот ќе се најде на пленарна седница, расправата по него според собранискиот Деловник може да трае максимум пет дена и петтиот ден се става на гласање.
„Завршена или не завршена расправа, Буџетот се става на гласање петтиот ден. Тоа е регулирано со Деловникот“,
посочи претседателот на Собранието, додавајќи оти не очекува некакви проблеми.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими при презентирањето на предлог-буџетот пред матичната комисија во Собранието, рече дека предложениот буџет за следната година е во согласност со златното правило во јавните финансии – капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит.
Како што истакна во своето излагање, во буџетските средства за идната година се планирани вкупни приходи од 282,1 милијарди денари, што се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година и вкупни расходи на ниво од 324,8 милијарди денари што се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година, односно за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на ланскиот буџет.
Буџетскиот дефицит, пак, додаде Бесими, е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлог-буџетот за следната година е историски највисок, нереален, инфлаторен и надуен балон, кој, прашање на време е кога ќе пукне. Вака претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет Бојан Стојаноски го квалификуваше предлог-буџетот за 2023 година.
Пратеникот рече и дека со предложениот буџет се намалени сресдтва за изградба на спортски сали, за изградба и реконструкција на студенстки домови, за ученички, како и за студентнски стандард што е, оцени, општа катастрофа. Се кратат, подвлече, и средства за инфраструктура во здравството.
Пред почетокот на денешната 52. седница на Комисијата за финансирање, Бесими симболично му го предаде Буџетот на Стојаноски во знак на, како што рече, досегашната добра соработка.