Минатиот месец, фабриката го затвори својот кампус поради зголемениот број случаи на инфекција со коронавирус, што предизвика многу работници да избегаат и да си одат дома. Фабриката потоа вработила нови работници на кои им биле ветени огромни бонуси. Но, се чини, работниците не ги добиле ветените бонуси
Во најголемата фабрика за „ајфон“ во светот, во кинескиот град Женгжу, стотици работници протестираат поради политиката за ковид што ја спроведува раководството на фабриката. Видеата што кружат на интернет покажуваат работници кои се соочуваат со интервентната полиција и со безбедносни сили. Очевидци велат дека полицијата ги тепала работниците, јавува Би-би-си.
На видеата дел од вработените во фабриката извикуваат: „Да ги браниме нашите права! Ние ги браниме нашите права!“, додека други фрлаат со камења и гранки по надзорните камери.
Минатиот месец, фабриката го затвори својот кампус поради зголемениот број случаи на инфекција со коронавирус, што предизвика многу работници да избегаат и да си одат дома. Фабриката потоа вработила нови работници на кои им биле ветени огромни бонуси. Но, се чини, работниците не ги добиле ветените бонуси, а се жалат и на храната што им ја дава фабриката додека се изолирани во неа.
„Ги сменија договорите за да не ни ги дадат ветените бонуси. Не ставија во карантин, но нè ни даваат храна. Доколку не одговорат на нашите барања, ние ќе продолжиме да се бориме“,
рече еден од работниците.
Работникот додаде дека видел „тешко повреден колега кој може да умре“. Тој наводно бил претепан од полицијата.
Друг работник рече дека новите работници се плашат дека ќе бидат заразени од работниците кои биле таму кога првпат се зголемил бројот на заболени во фабриката.
„Ние што протестираме ги сакаме нашите бонуси и кога ќе ги добиеме ќе се вратиме дома“,
рече тој и додаде дека околу фабриката денеска имало голем број полицајци, што може да се види и на видеата.