Мартин Шулц е ветеран на германската и европската политика. Со години беше дел од Европскиот парламент за потоа, во два мандат (2012-2016 г.), да биде и негов претседател. Сега, од позиција на прв човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Шулц за 360° отворено зборува за ситуацијата во ЕУ по руската инвазија врз Украина, за позиционирањето на официјален Берлин, за предизвиците со кои ќе се соочува Унијата…
Во интервјуто, Шулц ја критикува одлуката на францускиот претседател Макрон во 2019 година да го блокира почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Тоа, според поранешниот прв човек на Европскиот парламент, било направено од чисто домашни причини, без да се земат предвид последиците за земјава и регионот, особено по Преспанскиот договор
Шулц прати порака и до опозицијата во земјава – дека со противењето на уставни измени, неопходни за отворање на преговарчките кластери, всушност, се однесува како владата во Париз
360°: Господине Шулц, ви благодарам за ова интервју. Кажете ми како го гледате одговорот на ЕУ на руската агресија врз Украина?
Шулц: „Од една страна ЕУ е на еден импресивен начин обединета во отфрлањето на ова кршење на меѓународното право, а од друга страна санкциите се силно и едногласно имплементирани, но и гледаме дека цената за овие санкции е огромна за обичните граѓани особено во делот на поскапувањето на енергенсите и храната. Мислам дека најголемиот предизивик е да се задржат единството на сите земји членки.“
360°: А што со однесувањето, позицијата на Германија во овие околности ако се има предвид дека Берлин, со децении, имаше одлични економски односи со Москва?

Шулц: „Не само Германија, туку и ЕУ во целина во изминатите три децении, од падот на Железната завеса, постојано имаше добри односи – економски, културни и политички со Руската Федерација. Германија, и поради историски причини, има привилегирани и извонредни односи со Русија, но да се зборува само за улогата на Германија за што има загриженост во Европа е погрешно зашто и други земји негуваат одлични односи со Русија, а некои од нив, како на пример Унгарија, негуваат специфични релации со Русија се до денес наспроти војната во Украина. Господинот Орбан не е подготвен да ги прекине своите врски со Москва.“
360°: Се води војна на источните граници на ЕУ – ситуацијата на Западен Балкан се смета за кревка, Босна и Херцеговина е во политички превирања, Србија е неволна да се усогласи со надворешната политика на ЕУ, нема напредок во дијалогот Белград – Приштина… Недоволното присуство на ЕУ дава простор за трети страни, играчи да станат повидливи, поприсутни во регионот. Зошто има чувство дека ЕУ се согласува со ова отсуство?
Шулц: „За да ви одговорам на вашето многу тешко прашање, сакам да поставам прашање – која е Европската Унија? ЕУ се 27 земји членки, но и институциите во Брисел – Советот, Комисијата, Парламентот и треба да направиме разлика меѓу нив, да објасниме што се случува. Некои од земјите членки на ЕУ, усвојувајќи општи насоки за Европската комисија, многу специфично ги земаат предвид своите особени, делумно домашно мотивирани стратегии. На пример, Франција и нејзиното вето за почеток на преговорите со Северна Македонија по Преспанскиот договор. Според мое мислење, тоа беше голема грешка. Така што, да ви одговорам на вашето прашање – ЕУ, во целина, со кохерентна стратегија, не постои и затоа, особено ги повикувам Парламентот и Комисијата да ги заменат овие одделни интереси на некои земји членки со поголем ангажман тука и во регионот.“
360°: Ја споменавте Франција и тоа ме води до другото прашање. По 17 години Северна Македонија конечно ги отвори пристапните преговори. Но, и покрај тоа, процесот се доживува како „бескрајно“ патување кон членство во ЕУ, граѓаните се разочарани од неуспехот на ЕУ да ги исполни сопствените ветувања – на пример, она што се случи по промената на името – во 2019 година францускиот претседател Макрон рече сега ќе имаме нова методологија, по што следуваше бугарско вето.

Шулц: „Го разбирам чувството на разочараност кај граѓаните. Силно ја критикував таквата одлука. По Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија, за проблем што траеше со декади и беше поврзан со грчко вето, откако двајцата премиери, Ципрас и Заев, во процесот го вложија сето свое политичко влијание, ветувањата дадени пред Договорот не беа исполнети со француското вето. Оттука, разбирливо е што граѓаните се разочарани и затоа ЕУ треба да биде внимателна, да не ја загуби довербата овде и во регионот која е потребна повеќе од кога и да било.“
360°: Што треба да се направи во смисла на конкретни мерки и чекори?
Шулц: „Да се исполнуваат ветувањата. Ако има договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, се надевам дека ЕУ, во целина – и институциите и земјите членки, се консеквентни со отворање на пристапните преговори.“
360°: Да, пристапните преговори конечно започнаа, но сега имаме внатрешен проблем, домашна дебата во земјава затоа што опозицијата се противи на уставни измени кои се неопходни за отворање на преговарачките кластери. Како ја гледате оваа ситуација?
Шулц: „За мене е многу тешко да носам проценки зашто немам доволно знаење за тактичките игри во домашната арена. Она што опозицијата во земјава го прави – се обидува да добие домашен политички профит од тешкотиите на владата за отворање на различните поглавја од преговорите, ме потсетува на однесувањето на француската влада која, на крајот, од домашни тактички причини, стави вето на отворањето на овие преговарачки чекори. Значи, овдешната опозиција не може да ја критикува француската влада зашто нејзиното однесување е многу слично.“