Нема да закажам избори во јануари или февруари. Можеме само да замислиме до што ќе доведе тоа, а ризикот од уште помал одѕив на гласачите е реален. Така, третиот мандат ќе биде доделен по Нова година за да има избори во март. Ако сите партии излезат и кажат дека веднаш сакаат мандати и се спремни за изборна кампања во декември, Божиќ, празници – и да одиме на избори во најтешки услови, ќе се усогласам, рекол бугарскиот претседател, кој денеска има консултативна средба со претставниците на Демократска Бугарија
Бугарскиот претседател Румен Радев на денешните консултации со претставниците на Демократска Бугарија за формирање влада истакнал дека со загриженост ги следи случувањата во Народното собрание последните неколку дена и дека она што сите го очекуваат – „консолидација за успешна менаџерска формула“ оди во друга насока – „до зголемување на конфронтацијата, противење и исцртување линии на поделба“.
Како што посочил Радев, во парламентарна република партиите во Националното собрание се повикани да дадат мнозинство за да формираат редовно функционална влада.
„Како што знаеме, тука нема мали и големи партии, бидејќи одговорноста е споделена. Од последните избори, народот не гласаше за доверба на ниту една политичка сила да владее сама, напротив – парламентот е расцепкан и тоа го прави напорот за проектирање на мнозинството тежок, но не и невозможен процес“,
рекол бугарскиот претседател, пренесува БГНЕС.
Според Радев, во сегашната ситуација тешко може да се формира влада.
„Аритметиката покажува дека се потребни не помалку од три партии. За да се биде стабилен, потребна е структура и приоритети. Јасно е дека бугарскиот систем оди кон фрагментација. Клучен ќе биде дијалогот и барањето форми на соработка, но многу е важно тоа да не е непринципиелно“,
порачал Радев.
Во однос на приоритетите по изборите, Радев посочил дека се раководат од две главни цели: да се направи максимум „за да имаме редовна влада, да водиме дијалог и партиите да се оттргнат од агресивната предизборна реторика“ и втората важна цел е консултациите да се темпираат на тој начин што ако има неуспех и не се формира влада, предвремените избори да не се во најтешкиот период, односно јануари и февруари.
„Јас ја носам таа одговорност. Нема да закажам избори во јануари и февруари. Можеме само да замислиме до што ќе доведе тоа, а ризикот од уште помал одѕив на гласачите е реален. Така, третиот мандат ќе биде доделен после Нова година за да има избори во месец март. Ако сите партии излезат и кажат дека веднаш сакаат мандати и се спремни за изборна кампања во декември, Божиќ, празници – и да одиме на избори во најтешки услови, ќе се усогласам. Веднаш ги давам мандатите еден по друг, се надевам дека нема да дојде до трет мандат“,
изјавил бугарскиот претседател.
Копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, на консултациите за формирање влада со претседателот Радев, како што пренесува БГНЕС, посочил дека меѓу нивните главни приоритети се реформите во правосудството и разумниот економски курс.
„Ние не сме меѓу мандатарите, се трудиме да бидеме конструктивни“,
рекол Иванов.
Копретседателот на ДБ ја истакнал и темата околу помошта во оружје од Бугарија за Украина, за која посочил дека способноста да „покажеме дека носиме сојузничка одговорност е многу важна“.
Тој додал дека кај претседателот се на консултации за владата, но оти ќе разговараат и за ова прашање.
Парламентарните избори во Бугарија, кои беа четврти во последните 20 месеци, се одржаа на 2 октомври. На нив најмногу пратенички места освои коалицијата ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, но недоволно за да формираат парламентарно мнозинство.
Радев ги почна консултациите на 26 октомври со најголемата пратеничка група во новиот парламентарен состав ГЕРБ-СДС, по што се сретна и со Промените продолжуваат, ДПС, Препород и БСП за Бугарија.
Ова е најдолгиот период на консултации (29 дена) со претставници на парламентарните партии во поновата бугарска политичка историја по падот на комунистичкиот режим на Тодор Живков на 10 ноември 1989 година.
Најкраткиот период на консултации беше летото 2005 година – годината кога тогашниот претседател Георги Прванов ѝ го додели мандатот на тројната коалиција составена од Бугарската социјалистичка партија, Движењето на Симеон Саксобурготски и Движењето за права и слободи. Тогашниот лидер на БСП, Сергеј Станишев, стана премиер на оваа социјал-либерална коалиција, со која владееше до летото 2009 година.