Уставни измени нема да има, а потребно е формирање на техничка Влада и оддржување на предвремени парламентарни избори, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето на годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски ги обвини СДСМ и ДУИ и лидерите Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека ја злоупотребуваат европската иднина крадејќи ја земјата работејќи на зачувување на нивните фотелји. Тој кажа дека за разлика од минатото кога нивни пратеници биле убедувани да гласаат за уставни измени, во овој состав не постои човек кој ќе попушти од своите цврсти ставови и да дозволи промена на Устав.
„Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, коишто биле убедувани во еден хотел недалеку од овде. Сега имаме пратеници коишто цврсто стојат на својот став, и тие нема да дозволат промена на Уставот. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за темата за која јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори. Не треба да се плашите, ако народот ви верува во ова што го работите, ако народот ви верува, тогаш нема зошто да се плашите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика”,
истакна Мицкоски.
Мицкоски кажа дека Македонија е уморна од состаноци на политичари кои не носат никакви одлуки, додека во позадина се продолжува со погубни политики кои ја водат државата кон дното со голема брзина. Тој како таква ја оцени минатата лидерска средба во Собранието и кажа дека на земјава и е потребна лидерска каде ќе се разговара за платформа за Македонија но и за современиот патриотизам кој треба да ја обедини државата.
„Единствената лидерска средба драги пријатели за која што можам да кажам дека ќе е потребна на Македонија која е онаа лидерска средба на која што задоволство ќе придонесам, а на која што би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека во регионални но и светски рамки се случуваат сериозни процеси, преструктуирања и се искажуваат аспирации за многу незатворени прашања. Вели, Македонија за жал се уште не е во позиција да зборува за истите и затоа секогаш ја пропушта можноста да фати чекор со процесите.
„На Македонија ѝ треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што за жал го немаме, за економскиот стандард и живот. Една платформа што ќе ги обедини сите, буквално сите, а една целта ќе биде една и заедничка, а тоа е – МАКЕДОНИЈА. Македонија во која има промени, пристоен живот и иднина. Тоа е и концептот за нов општествен договор кој почива на принципите на мојата визија за заедничкиот патриотизам за кој во неколку наврати досега сум говорел. Таквиот заеднички патриотизам треба да даде одговор на сè она што како сидро нè влече надоле и да нè обедини околу желбата да се тргне напред.“,
појасни Мицкоски.
Тој се осврна и на кризата и кажа дека Македонија е рекордер по инфлација и рекордер по индексот на мизерија.
„Народот доживува една огромна криза. Земјава е Како да се платат сметките, шоковите со цените по продавниците, маките со бизнисите, и тешките деловни односи се работите што го мачат нашето општество. На сметка на ова, Владата зборува за висока политика, симнува ѕвезди од небото, вергла како на расипана лента исти фрази, исти зборови за некаква иднина што не доаѓа. Најголемиот оцрнувач на евроинтегративните процеси е Владата и најголемиот непријател на имиџот на прозападните партнери е токму Владата која во состојба на отсуство на реформи за кои треба часови и часови работа, ги заменува со понизност и лесна рака за потпишување на сè и сешто што ќе побараат од неа, нема апетит на држава околу нас кој не го задоволија на штета на нашите национални интереси, додека потоа имаат полна уста за ЕУ правејќи криминал и криејќи белосветски пробисвети кои се на црните листи на западните земји”,
кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека му е мачно кога гледа како функционери од власта се “паразити” кои живеат од потта на чесниот народ и земаат илјадници евра плата, не работат ништо, а ги уживаат сите придобивки од државата.
„Нивните имиња не се ни знаат, но тие ги држат паразитски функциите на десетиците институции од кои дебело се платени, додека тутунарите немаат откуп, додека оризарите протестираат, додека студентите се гладни. Функционери од власта криеле имоти, луѓе од власта земаат месечна плата за која народот работи по цела година. “,
нагласи Мицкоски.