Во Белата куќа вчера се одржа венчавката на внуката на претседателот, а веќе денеска, во чест на роденденот на Бајден, неговата сопруга Џил организира прослава

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска полни 80 години и ќе стане првиот претседател во историјата на САД кој владее во деветтата деценија од животот.
Тој вели дека ќе разговара со своето семејство во текот на следните неколку месеци за тоа дали да ја исполни намерата да бара втор мандат, на чиј крај би имал 86 години.
„Мојата намера е да се кандидирам повторно. Но, јас сум голем почитувач на судбината и ова е на крајот семејна одлука. Мислам дека сите сакаат да се кандидирам, но ќе имаме дискусии за тоа“,
рече тој минатата недела.
Во Белата куќа вчера се одржа венчавката на внуката на претседателот, а веќе денеска, во чест на роденденот на Бајден, неговата сопруга Џил организира прослава.
Американската 250-годишна демократија и американската култура ја слават младоста, но милиони Американци, вклучително и претседатели, активно работат и по 65-годишна возраст, многу над возраста за пензионирање.
Бајден е најстарата личност на функцијата претседател на САД.
Роналд Реган имаше 77 години кога ја напушти Белата куќа, а Бајден, во случај да добие втор мандат, ќе има 86 години кога ќе ја напушти претседателската функција.