Тој нагласи дека работниците се соочиле со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечило работата на терен, но, започнатите проекти мора да се спроведат и да се оди напред
Знам колку е важно за Кичево, Дебарца, Струга, Охрид, Вевчани, за околните населени места кои гравитираат во овој регион, но и за целата земја, што побрзо да се заврши автопатот Кичево-Охрид. Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс, не само на западниот дел на Македонија туку и на целата држава и колку тој значи и за Кичево и за туристичките центри Охрид и Струга, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако направи увид на градежните работи на тунелот Кичево-Охрид .

„Ние како Влада ги решаваме наследените проблеми, патната инфраструктура за оваа Влада не е предизборно ветување, туку напротив тоа е инфраструктура која што ја поврзува државата внатре, меѓутоа ја поврзува државата и со другите европски држави со кои што граничиме. Со тоа овозможуваме подобри услови за постојните инвестиции, привлекување на нови странски инвестиции, зголемување на економскиот развој, развој на туризмот особено во овој наш туристички дел од државата. А сето тоа еден од предусловите е безбеден и сигурни патишта за граѓаните и за сите други кои поминуваат низ нив“,
изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека работниците се соочиле со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечило работата на терен, но, започнатите проекти мора да се спроведат и да се оди напред.
„Затоа и со Министерството за транспорт и врски, заедно со министерот, заедно со директорот на ЈПДП, г.Рустеми сум практично во секојдневна комуникација и инсистирам да се земе овој пат како највисок приоритет во државата. Така денеска се става асфалтна подлога во тунелот, се работи на електрична инсталација и хидрантска мрежа. Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем. Овој пат, мора и ќе добие на динамика затоа што инфраструктурата значи интензивирање не економските релации, и ние мора да вложуваме во патна инфраструктура ако сакаме развој на економијата“,
подвлече премиерот.

Директорот на ЈП државни патишта Ејуп Рустеми рече дека трасата на автопатот во градба Кичево – Охрид е комплициран предел, кадешто е и тунелот, поточно кадешто се пробиени две тунелски цевки во кои се изведуваат завршните асфалтерски работи.
„Тој има две цевки, кои имаат коловоз со ширина од по 7,50 метри и четири попречни премини, од кои едниот е за возила, а останатите три се за пешаци. Вкупната должина на десната цевка на тунелот е 1 994,5 метри, а на левата цевка 2 015,5 метри, или вкупно 4 010 метри. Овој тунел ќе биде најсовремениот тунел изграден по европски и светски стандарди”,
рече директорот на ЈП државни патишта Рустеми.