Во партиското соопштение од АА не се посочува за што конкретно ќе разговараат премиерот и в.д. лидерот на Алијанса. Средбата на Таравари и Ковачевски доаѓа во период кога дел од медиумите, повикувајќи се на партиски извори, пласираа информации за можен влез на АА во владината коалиција, но тие досега беа негирани
В.д. претседателот на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари денеска точно напладне ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, најавија денеска од партијата.
Според најавата од АА, по средбата се очекува Таравари да даде изјава за медиумите.
Сепак, во партиското соопштение не се посочува за што конкретно ќе разговараат премиерот и в.д. лидерот на Алијанса.
Средбата на Таравари и Ковачевски доаѓа во период кога дел од медиумите, повикувајќи се на партиски извори, пласираа информации за можен влез на АА во владината коалиција, но тие досега беа негирани.
Темата за влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција се наметна во јавноста кон крајот на септември, кога токму Таравари во изјава рече дека ако добие понуда, партијата ќе ја разгледа.
По изјавата на Таравари, пак, премиерот Димитар Ковачевски на 7 октомври изјави дека не разговарале за ваква опција, но кажа дека за секоја евентуална поддршка на неговата Влада треба да се разговара.
Во меѓувреме во Собранието се одржа и лидерска средба иницирана од премиерот Ковачевски на која беа присутни речиси лидерите од речиси сите парламентарни партии. По лидерската средба, лидерот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов изјави дека една партија со осум пратеници чека да влезе во Владата, толку колку што има и Алијанса за Албанците.
Таравари, пак, по лидерската средба не сакаше да ја коментира таквата опција.
Премиерот Ковачевски и пред една седмица го повтори ставот оти во моментов не се разговара за влез на опозициската Алијанса на Албанците во Владата, но кажа дека го радува што владините ставови што се однесуваат на иднината на државата имаат поддршка од оваа партија.