Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека функционерите од аферата „Паразити“ не можат да ги оправдаат парите што ги земаат со реална работа, придонесот што тие треба да го даваат за тие пари не се гледа
Аферата „Паразити“ со години го јаде системот. Именувани функционери од Владата, звучни имиња, земале илјадници евра додека народот мизерува. Функционерите од аферата „Паразити“ не можат да ги оправдаат парите што ги земаат со реална работа, придонесот што тие треба да го даваат за тие пари не се гледа, изјави денеска на прес-конференција Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден таков пример е Андреј Жерновски, кој повеќе од година и пол е дел од проектната единица за клинички центар, и за тоа зема месечен надомест од 1 000 евра. Жерновски досега зел над 18 000 евра од Министерството за здравство. А, намената за која ги зема тие средства не е оправдана. Клинички центар нема, ниту се гради тој во Штип, а тој во Скопје не е ниту во фаза да почне да се гради. Зошто се држи Жерновски на позицијата и зошто му се исплаќаат по 1 000 евра месечно, иако за тоа нема потреба, треба да ни одговорат од Владата“,
рече Томовски.
Дел од аферата „Паразити“, додаде Томовски, е и Кире Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп, кој зема месечна плата од над 2 000 евра.
„И додека тутунарите се сѐ посиромашни, и едвај врзуваат крај со крај, генералниот директор на Тутунски комбинат за еден мандат ќе инкасира без малку 100 000 евра“,
додаде Томовски.
ВМРО-ДПМНЕ ја отвори аферата „Паразити“ и досега ги изнесе податоците за неоправдано трошење на средства во М-НАВ, за каде објавија дека двајцата директори земаат скоро 500 000 евра плата за еден мандат од четири години. Според ВМРО-ДПМНЕ, Фахрудин Хамиди, зема плата од шест илјади евра месечно, додека Владо Крстевски зема 4,5 илјади евра месечно.