Повикуваме во четврток, на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17 часот. Маршот ќе почне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија. Ги повикуваме сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации, да се придружат во нашата борба, се наведува во објавата на „Студентски отпор“
„Студентски отпор“ – организаторот на вчерашниот протест пред Собранието, не е задоволен од договореното на средбата во Собранието меѓу студенти – претставници на универзитетски собранија со пратеници и министерот за образование и наука и повика на нов протест в четврток.
„Јавно соопштуваме дека не сме задоволни од крајниот исход и од одлуките што се донесоа“,
се наведува во објавата на „Студентски отпор“ на Фејсбук.

Оттаму додаваат дека како студенти остануваат на барањата за издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови”, а бараат и стопирање на најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја. Ова се барањата кои синоќа ги објави „Студентски отпор“ најавувајќи нов протест за 17 ноември.
По вечерашната средба во Собранието помеѓу претставниците на студентските собранија, пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски, беше договорено субвенцијата за студентски оброк студентите да ја добиваат по старите услови, а до март работна група да најде системско решение за нов закон. Биле разгледани и други аспекти од студентскиот стандард, пред сè подобрување на условите во студентските домови.
„Студентски отпор“ во реакцијата наведува дека единственото барање кое е прифатено на средбата е повлекување на измените на предлог-законот за студентски субвенциониран оброк и дека, поради тоа, нема да отстапат „сѐ додека итно не се реализираат и останатите барања“.
„Повикуваме в четврток, на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17 часот. Маршот ќе почне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија. Ги повикуваме сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во нашата борба“,
објави „Студентски отпор“.
Студентите кои вчера беа на тричасовна средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, премиерот Димитар Ковачевски и пратеници по завршување на состанокот рекоа дека барањата кои ги истакнале биле прифатени. До март ќе има ретроактивно исплаќање на студентскиот оброк по цена од 120 денари, а од денес ќе има работни групи кои ќе дадат придонес кон носење на системско решение кое се очекува да биде подолгорочно и со кое ќе се обезбедат многу повеќе средства и подобар начин на исплаќање на студентскиот оброк.
Од Универзитетското студентско собрание при УКИМ рекоа дека битката е добиена, но не и војната за подобар студентски стандард и дека од денес ќе треба да се види што од ветеното ќе се реализира од овие работни групи.
„Обезбедено е сите студенти кои досега беа корисници на студентски оброк и понатаму да останат. Универзитетските собранија ќе бидат дел од работните групи кои треба да го креираат системското решение на законот најдоцна до 15 март 2023 година. Борбата за подобар студентски стандард и образование продолжува“,
истакнаа од УСС-УКИМ по средбата во Собранието.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021 година, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.
По средбата со студентите, премиерот Димитар Ковачевски рече дека имало конструктивен дијалог меѓу студентите, МОН и пратениците.
„Се изнајде заеднички јазик за студентскиот оброк, но се разговараше и за други аспекти на студентскиот стандард, како за унапредување на просторот во студентските домови каде тој не е на најдобро ниво. Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, да ги кажат своите ставови, а на нас во Владата е да ги слушнеме, да се разговара и да се дојде до решение кое ќе биде на задоволство на сите. Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака. Студентите се тие кои се иднината на оваа држава, а за иднината носиме одлуки да биде европска и да живеат како и студентите во другите европски градови“,
рече Ковачевски.