Пред два дена, коалицискиот партнер на Ковачевски, Павле Трајанов од ДС, изјави дека има партија со осум пратеници, колку што има АА, која чека да влезе во Владата
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во моментов не се разговара за влез на опозициската Алијанса на Албанците во Владата, но вели дека го радува што владините ставови што се однесуваат на иднината на државата имаат поддршка од оваа партија.
„Тоа е политичка партија која во својата програма и јавни настапи има добар дел од ставови кои се прогресивни во делот на продолжување на европскиот пат на државата, во делот на борбата против корупцијата, владеењето на правото и сметам дека тоа е добро. Меѓутоа, во моментов не се разговарало за конкретна соработка во дел на приклучување кон владата. Но, ме радува дека ставовите што се однесуваат на иднината на државата имаат поддршка во АА“,
вели Ковачевски.
Премиерот во понеделникот одржа средба со претседателите на парламентарните партии во Собранието, а по неа во изјава за медиумите неговиот коалициски партнер Павле Трајанов од Демократскиот сојуз (ДС) рече дека партија со осум пратеници, колку што има и АА, чека да влезе во Владата.
„И без мене и со мене мнозинството топ не го разбира. Имаме уште една партија со осум пратеници што чека да се вклучи во Владата така што опстојувањето на владата не зависи од мене или само од бројките. Владата ќе опстојува се дури спроведува политики кои се прифатливи за граѓани“,
изјави Трајанов во понеделникот.
В.д. претседателот на АА, Арбен Таравари, пак, по ваквата изјава не сакаше да коментира за евентуален влез во Владата.
„Денеска бевме тука да зборуваме за иднината на државата, не за иднината на Владата. Така што, ирелевантно е тоа што го кажал господинот Трајанов. Не би го дискутирал тоа, тоа не беше ниту тема на дискусија“, изјави тогаш Таравари.