Според изјавите на неколку лидери на политички партии, главна тема на денешната лидерска средба во Собранието на РСМ беа измените на Уставот без кои земјава нема да може да ги отвора поглавјата во преговорите со ЕУ. Со измените, во Уставот треба да се вметнат Бугарите (заедно со Хрватите и Црногорците) покрај другите заедници во земјава. ВМРО-ДПМНЕ, партија без која го нема потребното двотретинско мнозинство, е против
Дел од партиите на Албанците бараат отворањето на Уставот да се искористи и за бришење на формулацијата „20%“, каде таа се користи за опис на минималната граница за остварување на јазични и други права, и таа да биде заменета со Албанци/албански јазик. Лидерите на ДУИ, ДПА и Алтернатива директно или индиректно кажаа дека се „за“ да се реши прашањето, но и дека сега можеби не е време за тоа
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не ја потврди но не ја ни негираше информацијата која во „оптек“ ја пушти Павле Трајанов од ДС, дека партија со 8 пратеници (Алијанса за Албанците) чека на влез во владата. Таравари, кој бара бришење на „20%“, не беше дециден дали тоа е услов за нивна поддршка на уставните измени
Беше половина час пред пладне, за кога беше закажана лидерската средба, а новинарите веќе беа „паркирани“ пред влезот низ кој пратениците вообичаено влегуваат во Собранието.

Тоа беше единствена шанса да се прашаат поканетите – со каква агенда доаѓаат во законодавниот дом по поканата од премиерот Димитар Ковачевски. Малкумина лидери на партии влегоа низ вратата пред која чекаа новинарите, но доволно за да стане јасно дека она што следува внатре нема да оди мазно.
„Значи, немам ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но само на реципрочна основа“,
изјави пред средбата Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз.
- Дали власта е подготвена да даде гаранции на опозицијата за да се гласа за уставните измени?
„Јас не знам, не би можела да коментирам, бидејќи не знам кои се гаранциите кои опозицијата ги бара“,
одговараше на новинарско прашања претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.
- Дали и вие имате услови како другите албански партии, за промена за 20% за албанскиот јазик?
„Јас секогаш викам – кажете дека сум полош од сите, не ме ставајте во такви формулации. Јас не знам кои се тие останати политички партии на Албанците. Ако мислите дека тоа е БЕСА, за мене се уште се тие дел од коалциаијата „Можеме“,
одговори на новинарско прашање лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
„Ни сега, ни никогаш, Алтернатива не е партија која условува. Напротив, сакаме да воведеме принцип и тој начин на условување веќе да заврши како начин на политичко комуницирање помеѓу нас“,
изјави Африм Гаши, претседател на Алтернатива.
Тие што не поминаа пред новинарите, очигледно, влегле во собраниската зграда на други влезови. Бидејќи внатре, на повеќе маси, беа седнати 17 мажи и 2 жени, односно претседателот на Собранието Талат Џафери, заедно со уште 18 лидерки и лидери на политички партии застапени во парламентот. Две столчиња остана празни – не дојдоа БЕСА и Левица.

Времето за сликање беше кратко и средбата почна без однапред утврден термин – колку треба да трае. А траеше околу четири часа, по што новинарите беа повикани на прес-конференција на лидерите во истата сала каде што се одржа средбата – Кристалната.
Прв на сцената излезе оној што, по којзнае колку време, испрати покана за лидерска средба во толку широк состав и тоа во зградата на законодавниот дом, а не како што стана обичај – во Клубот на пратеници.

„Со претседателите на парламентарните политички партии денеска разговаравме за државите стратешки цели, за приорите и за следните одлуки кои не очекуваат во наредниот период а се олеснуваат на нашата европска иднина“,
изјави Димитар Ковачевски, премиер и претседседател на најголемата владејачка партија СДСМ.
Ковачевски говореше за успесите што земјата ги постигнала во пристапните преговори со ЕУ, за договорот со ФРОНТЕКС со јасно наведен македонски јазик…
„Минатата недела бев во Берлин, на самото на берлинскиот процес кој е уште еден доказ дека Европската Унија забрзано работи на евроинтеграцијата на Западниот Балкан“,
продолжи Ковачевски.
Како одминуваше 11-минутната напишана изјава, стануваше јасно дека Ковачевски одбегнува да говори за епилогот од настанот поради кој сите беа собрани.
Дури на новинарските прашања Ковачевски дообјасни дека предложил заклучоци, но и дека не поминале.
„Сепак ова се заклучоци кои јас ги кажувам во мое име. Тоа не беа заклучоци усвоени од страна на сите лидери на политичките партии, така што секој ќе даде свое видување на тоа како гледа на лидерската средба
-значи нема ништо договорено?
Нема.
– дали од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христајан Мицковски од вас беа побарани гаранции за да гласаат за промена на уставот и влез на Бугарите во Уставот?
Јас не би сакал да зборувам во името на било кој од политичките лидери бидејќи се тука сите присутни во Собранието, секој од нив ќе даде изјава“,
додаде премиерот Димитар Ковачевски.
Додека Ковачевски зборуваше, камерите на петте приватни национални телевизии останаа наземи – не е докрај јасно каква порака требаше да испратат.
За лидерот на ДУИ, Али Ахмети, камерите веќе беа вратени на стативите. Кажа дека е добро што имало средба, но и дека една средба секако не е доволна.

„Не треба да ги потценуваме разликите. Разлики секако дека има. Се надевам дека оваа средба нема да е последна туку да се продолжи со ваквите средби се до приближување на разликите меѓу политичките партии за да се гради заедничка стратегија за тоа како да ја промениме денешницата со еден подобар напредок и прогрес во иднина. Доминираше смиреноста, рационалноста и тоа ми е остави впечаток од оваа средба“,
изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Двете опозициски партии, БЕСА и Алијанса, засега го условуваат гласањето за уставни измени со дополнителни интервенции – наместо одредницата 20% како граница за остварување на одредени права на малцинствата во земјава, да се впишат Албанците и албанскиот јазик.
Дали и за тоа се говорело на средбата?
„Да, се разговараше, меѓутоа над се, приоритет се даде на уставните измени и штом се отвори една таква дискусија, се разбира, треба да се видат приоритети – кој е главниот престорете во ситуацијата во која се наоѓаме и затоа ќе градиме ставови околу ова прашање“,
изјави Ахмети.
Следниот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, уште на стартот го смени првичниот впечатокот – дека политичките партии се приближиле барем за некои разлики.

„Мнозинството нема мнозинство за уставни измени. Нема мнозинство за уставно измени и водејќи се од овој заклучок, логичен след на настаните е парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентарни избори. Тоа беше и од наша страна побарано денеска, на денешниот состанок, откако стана очигледно дека немаме мнозинство кое би гласало за евентуално уставни измени“,
изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски објаснуваше дека земјава била многупати измамена да направи уште само една отстапка на патот кон ЕУ и дека македонскиот народ веќе направил премногу жртви. За него се неприфатливи актуелните обврски преземени кон Бугарија.
„Тоа не е европски пат и европско барање. Прашање е дали Европа навистина ја сака Македонија. Ако ја сака тогаш ова не е вистинското европско барање. Тоа не е патот кој треба да ја однесе Македонија во Европа. Никогаш во животот ултиматуми, закани и уцени не сум прифаќал“,
одговараше Мицкоски на новинарски прашања.
Сепак, Мицковски и овој пат не исклучи дека би гласал за уставни измени, под одредени услови.
„Самото тоа што го поддржав барањето на Павле Трајанов за признавање од бугарската влада на македонското малцинство во Бугарија е еден од тие услови. Втор услов е дека нема да има хегемонистички барања од страна на Бугарија – разговараме за историја како услов, негирање на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик итн. И уште многу други услови кои за жал отсуствуваат, ги нема. Бидејќи не се исполнети тие очекувања, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата нема да гласа за уставните измени“,
изјави Христијан Мицкоски.
Споменатиот Павле Трајанов, кој беше следниот што се обрати пред новинарите, иако е од власта, кажа дека нема да гласа за уставни измени ако Бугарија не признае македонско малцинство.

„Мислам дека никогаш нема да се отворат тие прашања во Европската Унија, дека правата на македонците во Бугарија апсолутно не се почитуваат и не им е дозволено да се самоорганизираат“,
изјави Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз.
А бидејќи Трајанов демонстрира ставови поблиски до ВМРО-ДПМНЕ отколку до владејачката коалиција, чиј дел е, следуваше логично прашање – дали размислува да оди во опозиција?
„Видете, и без мене и со мене, мнозинствтоо топ не го разбива. Имаме уште една партија со осум пратеници којашто чека да се вклучи во владата, тако што опстојувањето на владата не зависи од мене или само од бројките. Владата ќе опстои се дури спроведува политики кои се од интерес на граѓаните“,
изјави Трајанов.
Претседателот на партија со 8 пратеници беше ставен пред свршен чин – да говори повеќе за потенцијалниот влез во власта отколку за лидерската средба.

„Не би го дискутирал тоа, не беше ни тема на дискусија моментално, па не би ја дефокусирал јавноста од тоа што се слсучуваше денеска…
– Било ли тогаш деновиве предмет на дискусија.
Па видете, може да биде предмет на дисксуија, меѓутоа денеска не зборувавме воопшто за тоа. Зборувавме за европската иднина на Македонија. Воопшто не зборувавме за ново мнозинство“,
кажа Арбен Таравари, в.д. претседател на Алијанса за Албанците.
За мнозинство не, но и Арбен Таравари потврди дека се зборувало за бришење на 20% од Уставот и директно именување на Албанците и албанскиот јазик. За разлика од Ахмети, кој кажа дека тоа е прашање за друго време, Таравари имаше поинаков впечаток.
„На средбата никој не кажа дека е против. Јас мислам дека тоа е апсолвирано. Албанските партии сите мислат така, но и поголемите македонски партии, зборувам за СДСМ и ВМРО јавно имаат кажано дека не им пречи ништо да се тргне 20%
– Ако не се тргне, дали ќе гласате за уставни промени?
Јас се надевам дека ќе се гласа. Немам дилеми дека ќе се гласа.
изјави Таравари.
И на повторените прашања, Таравари не кажа дали бришењето на 20% е услов или само нешто што тој би сакал да се случи. Помалку иронично, одговорите ги даваше и на македонски и на албански јазик бидејќи за него не остана преведувач во Собранието. И со и без него, јасно е дека политичарите денеска не се разбраа, барем не, целосно и сите.