Тоа што обвинителите од цела држава првпат ќе гласаат за шеф на ОЈО ГОКК, републичкиот обвинител го оценува како добро со оглед дека дава шанса секој со својот глас да влијае на подобрување на состојбите. Јовески е уверен дека секој ќе знае да го направи вистинскиот избор кога ќе треба да заокружи еден од четворицата кандидати: Вилма Русковска, Ермон Незири, Деса Пауновска и Ислам Абази
Во пресрет на гласањето за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), републичкиот обвинител Љубомир Јовески, им порачува на колегите од цела држава својот избор да го направат слободно и растоварено од какви било влијанија.
Гласањето треба да се одржи в понеделник (7 ноември) и првпат, според новиот Закон за јавно обвинителство, шефот на ОЈО ГОКК ќе се избира од гласање на сите обвинители во државата, околу 160.
„Сметам дека ваквиот начин на избор дава можност директно со вашиот глас да влијаете за подобрување на состојбите во Јавното обвинителство. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна. За изборот се пријавија четворица јавни обвинители. Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“,
вели Јовески во пораката.
Верувам, додава тој, дека секој од вас поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажеме дека имаме јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација.
На гласачкото ливче в понеделник ќе се најдат следните четворица кандидати: досегашната шефица Вилма Русковска, скопскиот обвинител Ермон Незири и двајца обвинители од Вишото обвинителство во Гостивар – Деса Пауновска и Ислам Абази кој воедно е и шеф на ова обвинителство.
„360 степени“ ги контактираше сите кандидати и како што објавивме вчера, до секого од нив ги прашавме зошто смета дека треба да ја добие довербата од колегите од цела држава и да биде новиот шеф и со каква визија или програма за подобрување на работата на ОЈО ГОКК влегуваат во трката.
Русковска рече дека докажала оти не потпаѓа под политички влијанија, а работата на ОЈО ГОКК е оценета со највисоки оценки во извештаите од ЕК откако таа е на чело на ова обвинителство, па затоа смета дека треба да биде реизбрана за позицијата.
Незири посочи дека планира да ја зголеми динамиката на постапување преку целосна оперативност на истражниот центар, но и да се скрати времетраењето на предистрагите.
Пауновска, пак, планира да се направи реорганизација со воведување одделенија, потпишување нови меморандуми за соработка со институциите, но и поголема транспарентност, што ќе значи дека секој обвинител треба да излезе и да ги презентира предметите и пред јавноста доколку таа е заинтересирана за тоа.
Ислам Абази, пак, не одговори на нашите прашања.